Исмевање на демократијата
28 јуни 2015Приклештен од меѓународните институции кои бараат Атина да спроведе одржливи реформи и радикалите во сопствената партија Сириза кои калкулираат и со прекин на односите со кредиторите, грчкиот премиер Алексис Ципрас му се обраќа на „суверениот народ“: тој треба да реши наредната недела (5.07.2015) на референдум дали ќе бидат прифатени и спроведени реформските предлози на Европската централна банка (ЕЦБ), Европската комисија и ММФ. Истовремено неколку министри од Сириза веќе бараат од народот да каже „Не!“ за натамошно штедење.
Она што на прв поглед изгледа како длобоко поклонување пред принципите на демократијата, во суштина е потсмев на тие принципи. На предвремените парламентарни избори на крајот на јануари годинава, мнозинство Грци гласаа за популистичката Сириза со надеж дека ќе биде ублажена политиката на штедење, која се спроведува во последните 5 години. Истовремено сите истражувања на јавно мислење јасно и недвосмислено покажуваат дека 70 насто Грци, двојно поголем број од оние кои ја избраа Сириза, сакаат Грција да остане во еврозоната.
Задача на новата грчка влада требаше да биде преземање на одговорноста за хармонизирање на овој двоен мандат. Таа би морала на својот народ да му објасни што е остварливо во моментов и што може да се спроведе во иднина.
Давид против Голијат
Наместо тоа, тимот на Ципрас ги лути и ги брка партнерите и кредиторите, со својот невиден дилетантизам ги преоптоварува другите земји од еврозоната, и истовремено исцрпувачката игра со преговорите со европските институции на внатрешнополитички план ги продава како борбата на слабиот Давид против бруталниот Голијат.
Во реалноста грчката влада сноси голем дел од одговорноста за ќорсокакот во кој се најдоа преговорите. Со променлива тактика и застарени идеолошки пароли од минатиот век, владата постојано се обидуваше да ги доведе во заблуда своите соговорници. Тактиката на одолговлекување, за жал, не е само белег на грчкиот фудбал, туку и на грчката политика.
Последните месеци покажаа дека Сириза е се’ друго, освен левица. За време на преговорите таа постојано одбиваше да даде согласност за значително намалување на енормните издатоци за војската, а ни да не се спомене за самата да предложи такво намалување.
Со низа мерки и вработувања Сириза докажа оти и натаму има намера да го плаќа огромниот јавен сектор наместо да го намали. Таа дури ги изедначи малите и големите должници на државната каса и на тој начин им даде исти поволности како на грешните милионери, така и на ситните претприемачи.
Беспомошност во Грција
Сега, кога ништо не помага и кога Грција се наоѓа пред банкрот, Сириза со новиот референдум се обидува повторно да го одложи донесувањето на неопходните одлуки. А што прави народот измачен од кризата, на кој Сириза постојано се повикува? По најавата за референдум во Грција владее конфузија.
На протестите во изминатите две недели, меѓутоа, на улица излегоа многу повеќе луѓе кои се за Европа. За разлика од нив, на демонстрациите против омразените кредитори и доверители кои ги организираше Сириза, имаше мал одзив. На Грција ѝ претстојат турбулентни времиња.