Грчки протестни новинари во пиратски медиум
26 октомври 2014ЕРТ всушност веќе не постои. Затворена е од пред 15 месеци. Во ноември 2013 година полицијата ги отстрани вработените од зградата во Атина. Имаше масовни протести и судири. Потоа зградата стоеше празна.
Денес оттука емитува новиот државен медиум НЕРИТ, кој со намален персонал прави владина програма и тоа постојано само говорни емисии.
Андреас Папастаматиу тука работеше повеќе од 20 години, а сега е водител отспротива кај радиото „ЕРТ опен“.
Тој има своја радиоемисија, секое пладне во 12 часот. Станува збор за политика, за партискиот пејзаж во Грција. Тој ден тема беше позицијата на социјалистичката партија ПАСОК. Еден камерман снима, за да не им затреба на колегите во Солун за нивните вести. Тие се добро вмрежени, поврзани се и со 16 регионални радиостаници кои ги држат запоседнати.
Луѓето работат бесплатно. Една година примаа помош како невработени, 500 евра месечно. Сега не добиваат ништо. Најголемиот дел од нив уште чекаат да им биде исплатена отпремнината.
„Во јавноста тоа така го претставија како да сме добиле куп пари и со нив можеме многу добро да живееме со години. Всушност од околу 25 до 30.000 евра кои ми следуваат, досега добив само 7000“, вели Андреас Папастаматиу.
Многумина имаат долгови. Нивните семејства ги поддржуваат, добиваат и пакети со храна од гледачи, а им помага и синдикатот. Мачно е, но ним им е битен принципот.
„Прво беше борба за повторно да си ги добиеме работните места. Минаа денови и месеци и сега е борба за демократија. Тоа е борба за во Атина повторно да се воспостави демократијата. Така ние гледаме на тоа“, вели Махи Николара, новинарка во „ЕРТопен“
Уште еден час до вестите во 22 часот во Солун. Последни договори. Дали се готови прилозите, што мора уште да влезе во програмата, кој се грижи за гостите во студио.
Николас и Христос ги подготвуваат насловите. Никој овде нема само една работа. Не се многумина и затоа мораат да бидат флексибилни.
Водителката Кристина смета и дека новинарите сраснаа меѓусебе во последните 15 месеци. Нема ривалитет меѓу колегите, ниту суетност.
Времето притиска, мора да се измонтира уште анкетата на Кристос и Николас. Сите се горди на тоа дека никогаш не престанаа да емитуваат.
Прво преку интернет, а сега и аналогно и дигитално. Тие ги запленија антените на поранешната државна радио-телевизја.
„Го поврзуваме нашиот сигнал со колку што е можно повеќе антени. ЕРТ има многу предаватели во грчките планини. По различни патишта овие антени се достапни за нас. Не секогаш, не во секое време. Многу, многу е тешко, и многу е опасно“, вели новинарот Николас Цимидис.
Секоја емисија може да биде последна, можат да бидат отстранети од зградата. Свесни се за тоа, но се надеваат дека нема да се случи толку бргу.