Грчки медиуми стравуваат од американско сценарио за Македонија
12 мај 2014„Американскиот став е дојден дотаму што силно се залага за влез на Скопје во НАТО и тоа може да влијае на позициите на другите земји кои се за интеграција на Македонија во НАТО и се во корист на почеток на пристапните преговори со ЕУ“, пишува весникот.
Македонската агенција МИА јавува дека истиот весник, но во друг друг текст, ги обвинува грчките дипломати во Атина и Вашингтон што не биле присутни на конференцијата „Кон цела и слободна Европа“, која во организација на „Атлантскиот совет на САД“ се одржа во Вашингтон и на која зборуваа министри од регионот, потпретседателот на САД Џозеф Бајден, државниот секретар Џон Кери и голем број лидери и експерти од областа на надворешната и безбедносната политика.
Подвлекувајќи дека македонскиот министер Попоски во Вашингтон го користел уставното име, весникот додава дека тој во своето обраќање ја повтори стратешката цел на Македонија да влезе во НАТО, „објаснувајќи дека во тоа во голем дел е спречена од Грција“.
„Не барајте, немаше грчко учество, и судејќи според нивото на составот на грчката амбасада во Вашингтон, веројатно дури ниту во публиката немаше некој барем да го снима тоа што го рече гоподинот Попоски и со кого се видел“, коментира „Парон“.
И неделникот „Епикера“ вчера пишуваше за „американско сценарио“ за влез на Македонија во НАТО. Според дипломатски извори на неделникот, американскиот претседател Барак Обама лично ќе се ангажирал за интеграција на Скопје во Алијансата, „што е особено лошо за грчкиот премиер Андонис Самарас и шефот на дипломатијата Евангелос Венизелос, бидејќи неговото вмешување ќе ги повлече на негова страна целата американска дипломатија и странските лидери“.