Грција: Ципрас може на кратко да земе здив
23 јули 2015Парламентарна седница околу или дури по полноќ не е никаква реткост во Грција. Но, овојпат пратениците ги надминаа сите мерки: дури во денешните рани утрински часови, во четириипол, беше готово гласањето: 230 „за“ реформскиот пакет, 63 „против“, петмина воздржани.
Со тоа левичарскиот премиер Алексис Ципрас привидно располага со широко мнозинство во Парламентот за започнатиот реформски курс. Но, не станува збор за негово сопствено мнозинство: 36 пратеници од владејачката лева партија Сириза му откажаа послушност на својот шеф. Ципрас можеше да ги протурка реформските закони само со помош на опозиционите партии.
Варуфакис повторно на владиниот курс
Нешто слично Ципрас доживеа и при решавачкото гласање за првиот пакет мерки за штедење минатата недела. Тогаш имаше 39 отстапници. Соработниците на премиерот затоа го зголемија пристисокот врз внатрепартиското бунтовничко движење со цел да изнудат поголема поддршка на шефот на Сириза. Но, со скромен успех, смета политичкиот аналитичар Павлос Цимас: „Вкупно, нема позначајна промена во споредба со минатата недела“, гласи билансот на ситуацијата кој Цимас го направи за ТВ Скај.
Само поранешниот министер за финансии Јанис Варуфакис, кој на последното гласање демонстрираше отпор, овојпат гласаше за мерките за штедење. „Тоа што токму Варуфакис гласа ’за’, е најголемото изненадување на вечерта и истовремено најголемата добивка за Ципрас-ако човек може воопшто да го смета Варуфакис за добивка“, истакнува аналитичарот.
Надеж за дополнителен договор за помош
Според владините наводи, по изгласувањето ќе започнат преговори со доверителите за трет финансиски спасувачки пакет во висина до 86 милијарди евра. Целта е преговорите да завршат до 20. август, кога доспева кредитна рата од 3,2 милијарди евра која Грција треба да и‘ ја плати на Европската централна банка.
„Најтешкото допрва претстои, за тоа се‘уште не сме вистински свесни“, предупредува Алексис Папахелас, директор на весникот „Катимерини“ во телевизиско интервју. До средината на август спасувачкиот пакет треба да биде разработен во детали. Но, досегашното искуство подучува дека во Грција е тешко да се запази толку стриктен временски план.„Стравувам од доаѓање во временски теснец, по што во средината на август ќе бидеме принудени да побараме ново преодно финансирање“, вели Папахелас.
Оставка на претседателката на Парламентот?
Во меѓувреме, внатрепартискиот бунт во левичарската партија се чини одложен, но не и елиминиран. Посебно остри тонови доаѓаат од претседателката на Парламентот, Зое Константопулу, која припаѓа на левото крило на Сириза: во огнениот говор пред гласањето, воинствената правничка побара одбивање на реформските планови и зборуваше за „отворена уцена“ од страна на владите од ЕУ, преку што се врши непочитување на парламентаризмот, народниот суверенитет и демократијата во Грција.
Константопулу би сакала за ова да продискутира со своите колеги во Европа, за што побара поддршка и од претседателот на државата. Тој пак, во кратко соопштение, се прогласи за ненадлежен на таа тема. За денеска е закажана средба на Константопулу со премиерот Ципрас. Во Атина се вртат шпекулации за евентуално давање оставка или барање претседателката да си поднесе оставка.
Вербални битки со опозицијата
За време на парламентарната дебата премиерот Ципрас и конзервативниот шеф на опозицијата Евангелос Меимаракис водеа невообичаено долги вербални дуели. Откако повеќемина левичарски пратеници зборуваа за пуч на партнерите од ЕУ против грчката држава, а претседателката на Парламентот Константопулу ги обвини кредиторите дури и за „злосторство против човештвото“, Меимаракис ваквите вербални напади ги критикуваше со зајадувачка иронија: „Од европските пучисти и злосторници тукушто добивме седум милијарди евра, за да одговориме на нашите најитни обврски“, извика тој во правец на владините клупи.
Откако екс-премиерот Андонис Самарас се повлече, Меимаракис всушност важи за преодно решение на кормилото на грчките конзервативци. Се чини, шансите му се добри: во заедничко соопштение 48 од вкупно 76 конзервативни пратеници вчера побараа тој привремено да ја води партијата.