Грција става бодликава жица на турската граница
6 август 2011Грција ќе подигне ограда од бодликава жица, долга повеќе од 10 километри, на границата кон Турција, со цел да го спречи влезот на илегалните имигранти, соопшти Министерството за заштита на граѓаните.
Оградата, за која се дискутира неколку месеци, ќе биде изградена со помош од 5,5 милиони евра од фондот на ЕУ, се наведува во соопштението.
„Министерството ќе објави тендер за понуди за изградба на оградата пред крајот на следниот месец. Грција планира да изгради две паралелни огради од бодликава жица долга 10,3 километри и висока 2,5 до три метри, изјави Ефстатиа Латифи, инженер од техничкиот сектор на Министерството за заштита на граѓаните.
Оградите ќе бидат подигнати во близина на граничниот премин Кастаниес, најпрометниот граничен премин меѓу овие две земји.
Грчко-турската граница е долга 150 километри и стана зона која имигрантите најчесто ја користат за нелегално преминување во ЕУ.
Автор: БГ/миа
Редактор: Александра Трајковска