Грција приклештена меѓу две кризи
15 август 2015Велт вака пишува за согласноста на грчкиот парламент за пакетот реформи и новите мерки на штедење: „Грција се враќа кон реалната политика. За време на парламентарната дебата, премиерот Алексис Ципрас успеа да ја истурка широката програма за реформи полна со различни предизвици. Треба да му се одаде почит за тоа. За таа цел го жртвуваше единството во својата партија, но и во владата. Грција веројатно ја чекаат нови избори, а наредната влада веројатно ќе биде поставена на пошироки политички основи и ќе биде помалку екстремна. Веројатно е и тоа дека на Грците нема да им појде од рака баш се’ што е планирано. Политички гледано- тие сепак повторно станаа дел од Европа“, смета Велт.
Либекер нахрихтен за политиката на грчкиот премиер пишува: „Ова е одење по жица, слично на она кое го правеше поранешниот германски канцелар Герхард Шредер кога го најави пакетот за реформи 'Агенда 2010'. Ципрас сепак не го прави тоа затоа што смета дека се неопходни реформи, што беше случај кај Шредер, туку поради европскиот притисок. Во меѓувреме и тој се залага за тоа во пензија да може да се оди дури со 67 години, а и за зголемување на ДДВ. Тоа се тешки, но неопходни чекори кои ги отфрлаше за време на својата изборна победа. Дали на тој пат ќе има успех првенствено зависи од тоа дали оваа политичка пресвртница ќе умее да им ја објасни на осиромашените Грци“, пренесува Либекер нахрихтен.
Финансиска, но и бегалска криза
Грција нема пари за социјални издатоци за своите граѓани, а посебно не за бегалците кои секој ден пристигнуваат на грчките острови. За тоа пишува весникот Лајпцигер фолксцајтунг: „Бегалската и финансиската криза се две различни работи, сметаат некои и се’ уште бараат од Грција да спроведе строги мерки на штедење. Од неа истовремено очекуваат да води повеќе сметка за бегалците, бидејќи сликите кои пристигаат од грчкиот остров Кос се навистина драматични. Да, тие навистина се такви. Меѓутоа, очигледно е дека властите на тој остров не се дораснати на задачата која стои пред нив, а и тоа оти од дистанца е лесно да се зборува за размерите на кризата која се случува таму. Од држава која многу го стега ременот, не можат да се очекуваат херојски дела“, заклучува Лајпцигер фолксцајтунг.
Проблеми со бегалците има и Германија. Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезије размислува на бегалците да им се намали џепарлакот и наместо тоа да им се дадат бонови за храна, работи или услуги. Весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг има разбирање за тоа: „Министерот на овој начин укажа на важен аспект кој во целата дебата за бегалците се занемарува. Добар дел од азилантите, особено од Балканот, не бегаат поради прогонства од татковината, туку за да добијат социјални поволности во Германија. Министерот има право кога отвора дебата на таа тема. Консеквентното враќање на таквите бегалци во татковината е поради тоа многу важно, бидејќи доколку тоа не се случи, тогаш е тоа уште еден фактор кој само ќе привлече уште повеќе азиланти“, коментира Франкфуртер алгемајне цајтунг.