Грција пред одлука „се’ или ништо“
29 јуни 2011Ова е ден на одлука во Грција. Се’ или ништо. Нови милијарди во кредити или државен банкрот. Согласно тоа премиерот Јоргос Папандреу на почетокот од парламентарната дебата за спорниот пакет за штедење и реформи на пратениците им порача: „Слушнете што ви вели душата и вашата патриотска свест. Вашиот глас ’за’ е последна шанса која ја има земјата за повторно да застане на нозе.“
На демонстрантите на улиците на Атина, кои денеска го продолжуваат 48 часовниот штрајк им е се’ едно за овие апели на премиерот. За нив при денешното гласање во парламентот во прв ред не станува збор за спасувачките кредити туку за личната судбина. Нивниот аргумент гласи: Не можеме уште повеќе да штедиме бидејќи стигнавме до крајот на силите. „Веќе година и половина живееме со мерките за штедење. Наводно треба да биде подобро, но го доживуваме спротивното. Долговите растат, а кризата е се’ полоша. Ние се браниме токму од тоа“, вели еден демонстрант.
Навистина, доколку новите мерки за штедење бидат усвоени од парламентот, ќе ги погодат тешко речиси сите граѓани на Грција. Тие прдвидуваат зголемувања на даноците и други мерки за заштеда, кои треба во државниот буџет во наредните години да донесат дополнителни 28 милијарди евра. Натамошни 50 милијарди владата има намера да заработи од продажбата на државна сопственост: недвижности, земја и пред се’ делови од претпријатијата во државна сопственост.
Опозицијата е против, неизвесно е како ќе гласаат некои од пратениците на ПАСОК
Опозицијата - пред се’ конзервативната Нова Демократија има намера да гласа против новиот пакет. Но најнеизвесно е како ќе гласаат некои од критички настроените пратеници од владејачката партија ПАСОК. Таа има 155 места во 300 члениот парламент. Министерот Папандреу меѓутоа мора да смета на најмалку двајца непослушници.
Факт е дека грчките парламентарци се под огромен притисок, зашто на земјата и се заканува банкрот доколку денеска тие во мнозинство кажат „не“. Европската унија ќе ја исплати следната рата од стариот кредит за спас на Грција само ако парламентот го усвои пакетот за штедење. Се смета дека поединечното изјаснување ќе започне денеска попладне.
Автор: Штефан Вурцел/ Симе Недевски
Редактор: Александра Трајковска