Оградите не можат да ги спречат бегалците
16 февруари 2016ДВ: Г-дине Докос, со оглед дека Грција и натаму не успева да излезе на крај со бранот бегалци, некои ЕУ земји отворено сугерираат „план Б“ кој би се потпирал на Македонија со цел намалување или целосно запирање на протокот на бегалците и мигрантите. Какви ќе бидат последиците од овој план доколку стане реалност?
Танос Докос: Навистина, несогласувањата се особено нагласени во некои источноевропски земји, кои се спротивставија на одлуките на Европскиот Совет за фер распределба на бегалците кои пристигнуваат во Италија и Грција. Некои од овие лидери заборавија дека Западна Европа не ги затвораше своите граници за нив во 1956 или 1968 година. Тие исто така заборавија на својата поддршка за војната против Ирак која ја започна неоконзервативната влада на САД во 2003, а која во голема мерка придонесе за растот на „Исламската држава“ и на голем број други актуелни проблеми на Блискиот Исток, па на некој начин и на бегалската криза.
Што се однесува до билатералните односи со БЈРМ, Грција разбира дека нејзиниот северен сосед е и самиот под голем притисок. Таа е транзитна земја, исто како и Грција, и ќе биде тешко погодена од затворањето на граници во земјите на север. Треба да се потенцира и дека соработката во однос на бегалската криза досега беше доста добра.
Унилатерална одлука на БЈРМ да ги затвори граници кон Грција секако ќе има негативно влијание врз билатералните односи. Тоа исто така ќе има влијание врз БЈРМ на различни начини кои се опишани подолу. Конечно, Грција ќе остане прв сосед на БЈРМ, додека Вишеградските земји и другите тврдокорни струи веројатно ќе го загубат интересот за нашиот дел од светот откако бегалската криза ќе ја загуби итноста.
ДВ: Македонските власти ја привршуваат и втората ограда на јужната граница. Како на тоа се гледа на другата страна од границата, ќе биде ли оваа ограда доволна за да се сопре напливот на бегалци и мигранти?
Претходните искуства нѐ учат дека кога луѓето се доволно очајни за да побегнат од несигурност и сиромаштија од сопствените земји, и кога очекуваниот економски профит за шверцерите е доволно висок, оградите не можат да ги сопрат брановите на бегалци или мигранти. Во најдобар случај тие можат да ги намалат бројките (како што покажува технолошки софистицираната ограда на границата меѓу САД и Мексико). Шверцерите исто така ќе се обидат да користат дополнителни миграциски рути, или преку други земји или преку планински и шумски предели, каде граничните контроли се помалку ефективни. Организираниот криминал поврзан со трговијата со луѓе исто така ќе процвета на обете страни од границата меѓу Грција и БЈРМ. Конечно, БЈРМ ќе биде соочена со проблемот на мигрантите кои ќе бидат уапсени откако ќе преминат во земјата. Грција веќе нема да има никаква обврска да ги земе назад.
ДВ: Грчкиот министер за мигранти, Јоанис Музалас вели дека очекува „унилатерални чекори“ од Македонија во бегалската криза. Дали Грција е подготвена да прифати голем број бегалци доколку земјите од балканската рута ги затворат границите?
Грција се подготвува за најлошото сценарио доколку БЈРМ одлучи да ја затвори својата граница. Во таков случај, ограничен број мигранти можат да бидат сместени во ограничен временски период. Но, Грција сѐ уште страда поради економската и нејзиниот капацитет да прима бегалци и мигранти е јасно ограничен. Дополнително, приведување на големи групи бегалци неограничено е нелегално според меѓународното хуманитарно право, но исто така и нехумано и практично невозможно. Проблемот што Турција не го имплементира протоколот за реадмисија и репатријација во земјите на потекло (во случајот на мигрантите) е особено проблематичен.
ДВ: Европските земји досега понудија два концепта за решавање на кризата. Првиот, кој го поддржуваат Вишеградската група, Словенија и Австрија заговара изградба на огради и затворање на границите на балканската рута. Вториот, кој го поддржуваа Германија и други западноевропски земји предвидува договор со Турција за директно преземање на бегалците. Кој од овие два концепта очекувате да преовлада?
Интересно е тоа што, со исклучок на Австрија, сите „хардлајнери“ се земји кои практично не примиле ниту еден бегалец или мигрант. Групата која ја предводи Германија презема најголем дел од товарот и овие земји инсистираат на „европско решение“. Нашите политики во тој контекст треба да се насочат кон следните претпоставки: зачувување на Шенген, без неоправдано жртвување на ниту една членка; справување со џихадистичкиот тероризам и радикализација во нашите општества; Европа има морална обврска да понуди азил за голем број бегалци. Сепак, неограничениот влез е невозможен. Брз крај на војната во Сирија преку дипломатско решение треба да биде приоритет. Вклучувањето на Русија и Иран во процесот значително ќе ги зголеми шансите за решение. Зголемената поддршка за Либан, Јордан и Турција е исто така важен приоритет. Потребни ни се и различни филтри за намалување на атрактивноста на „грчкиот пат“. Соработката со Туција- која во моментов отсуствува- е од критична важност. Но на Анкара треба да ѝ се понудат и стимуланси, како што е безвизниот режим, како и економска поддршка. Турција исто така ќе мора да ги сопре шверцерите и да го суспендира својот безвизен режим за Мароканците и некои други националности. Клучниот елемент, сепак, е да се формираат „жешки точки“ на турско тло за директна преселба на бегалците во различни ЕУ земји. Тоа ќе го намали притисокот врз Грција и ќе спаси многу животи во Егејот. Јас се надевам дека концептот на заедничко „европско решение“ ќе превладее, но екстремно сум загрижен поради комбинацијата на проблематични трендови: слабо лидерство, десничарска реторика и враќање на националните за сметка на европските политики.
Танос Докос е директор на институтот Елиамеп од Атина. Работел и како советник и директор во различни сектори во грчките министерства за одбрана и надворешни работи.