251010 EU Griechenland Grenzsicherung
26 октомври 2010Двајцата австриски граничари седат во мало, темнозелено комбе, паркирано на рид. Оттука нагоре води само селски пат. На ливадите меѓу полињата нема многу дрвја, само грмушки. Денски граничарите со голо око можат да ја видат Турција. Нивната задача е да ја надгледуваат границата и да ги пријавуваат бегалците и нивните шверцери кај грчките колеги. Ноќе, пак, ги регистрираат бегалците со помош на термографски камери. Системот е инсталиран на покривот од возилото. „Вчера имавме особено успешна акција, фативме дванаесет лица, заедно со нивните посредници. Ги видовме како излегоа од реката и тргнаа нагоре по улицата“, вели австрискиот граничар.
Тој бил дел од вежбата на европската агенција за заштита на границите Фронтекс, која се спроведувала на двесте километри долгата граница меѓу Грција и Турција. Наскоро таму ќе пристигнат погранични полицајци од цела Европа - овојпат во форма на тимови за брза интервенција. Причината е што Грција не може сама да се справи со лицата што се обидуваат нелегално да ја преминат границата и затоа ја замоли ЕУ за помош. Микеле Черконе, портпарол на европската комесарка за внатрешни прашања, Сесилија Малмстром, истакнува дека на дванаесет километри од границата воопшто нема никакви контроли. „Сега е неопходно да се стапи во контакт со грчките власти, со цел да се види каква поддршка и` треба на земјата конкретно“, вели нејзиниот портпарол.
Грција - порта кон ЕУ
Задачата ја доби агенцијата за заштита на границите Фронтекс. Во вториот чекор од постапката, Фронтекс ќе се обиде да разјасни кои земји од ЕУ се во состојба да испратат помош, во форма на гранични службеници, хеликоптери и авиони. Потоа директорот на Фронтекс ќе соопшти дали агенцијата ќе стационира тимови за брза интервенција во Грција.
Илегалните доселеници во балканската држава обично продолжуваат да живеат нерегистрирани од земјата, или, пак, поднесуваат барање за азил. Хуманитарните организации нагласуваат дека Грција е на работ од можностите и кога е справувањето со азилантите во прашање. Грчките власти ги затвораат азилантите по затвори и при испрашувањата не им обезбедуваат преведувачи, критикува ЕУ.
Автор: Кристоф Пресл / Трајче Тосев
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска