Грција може да се надева на европска помош
21 јули 2011Државите од евро-зоната подготуваат огромен пакет финансиска помош. Тој, неофицијално, предвидува спас за Грција, по вторпат, како и спречување на натамошно ширење на финансиската криза. Во мерките помош спаѓаат: поволни камати и подолг период за отплаќање на кредитите. Освен ова е предвидено за првпат во пакетот тежок најмалку 120 милијарди евра да учествуваат и банките и осигурителните компании. Ова произлегува од нацрт-предлогот за завршната декларација од кризниот самит во Брисел.
Вредноста на целиот пакет, според дипломатите најверојатно ќе ги надмине првично планираните 120 милијарди евра.
Шефовите на држави и влади, освен помошта за Грција пред се’ сакаат да спречат проширување на финансиската криза, до размери кои нема да може да бидат контролирани. Европскиот кризен фонд за финансиски слабите држави со евро како платежно средство, треба превентивно да стави на располагање пари, во случај некоја од земјите да се најде во опасност. Во овој контекст не се именувани експлицитно Шпанија и Италија. Овие две јужноевропски економии имено веќе извесен период се сметаат за нестабилни на финансиските пазари.
„Со оваа програма, сакаме да ги искорениме проблемите“, подвлече германската канцеларка Ангела Меркел, пред почетокот на самитот.
Меѓународните финансиски пазари реагираа со олеснување. Курсот забележа пораст на сите важни берзи.
Автор: АТ/ дпа
Редактор: Борис Георгиевски