Грција и натаму се бори со долговите
1 април 2011Грција во моментов е на еден вид шок-терапија. Мартин Кнап, раководителот на Германско-грчката комора за индустрија и трговија објаснува:
„Моменталната состојба во Грција е како операција на отворено срце без апарат за дишење.“
Операцијата „намалување на долговите“ се одвива успешно. За две години Грција успеа да го преполови дефицитот во буџетот, од 15 проценти во 2009 година на 7,4 проценти годинава, проценува Европската комисија.
Трет економски пад
Но, според пресметките на ММФ, кон крајот на годината државните долгови ќе изнесуваат 150 насто од грчкиот економски капацитет. Причината за тоа се каматите од над пет насто, кои Грците мора да ги плаќаат за кредитите за помош од ЕУ и ММФ. Затоа повеќе експерти сметаат дека средоземноморската земја не може да се справи со долговите. Јенс Бастијан од невладината Фондација ЕЛИАМЕП во Атина вели:
„Тоа многу зависи од тоа дали Грција повторно може да оствари економски пораст. Исто така потребно е намалување на невработеноста, а со тоа и намалување на инфлацијата. Овие три индикатори во моментов се во лоша состојба.“
Грчата економија доживува пад по третпат последователно, со катастрофални последици за државните финансии. Приливот на даноци во јануари и февруари се намали за девет насто, а невработеноста се искачи на 14 насто. Стапката на инфлација од 4,2 насто во Грција е една од највисоките во рамките на Европската унија. Структурните реформи ќе вродат плод дури за неколку години. Плановите на владата да добие 50 милијарди евра по пат на приватизации, наидува на голем отпор.
Неопходно е спроведување на реформите
Јанс Бастијан вели дека доколку Грција годинава не успее во некои области на реформите, по предупредувањата од ММФ и ЕУ, ја очекува банкрот и неопходноста за сеопфатно реструктуирање на долговите.
Многумина бараат скратување на долговите за Грција, за земјата да се ослободи од дел од долговите. Бастијан има поинакво мислење:
„Сметам дека за Грција приоритетно е спроведувањето на реформите. Таа има уште двеипол години. Грција не треба да отвора дискусија за итно намалување на долговите.“
За да и‘ помогнат на Грција, земјите од ЕУ во март одлучија да ја намалат каматната стапка за кредитот на земјата од 5,2 на 4,2 насто, како и да го продолжат рокот на пакетот за помош од три на седумипол години. Во овој рок, Грците можат да одлучат кога ќе започнат со отплаќање на кредитите.
Мартин Кнап има конкретна молба до германската Кредитна банка за обнова - КфВ, да обезбеди ликвидност за грчката средна класа.
„Ако некој се наоѓа на станица за интензивна нега, тогаш му е потребна вештачка исхарана. Во овој случај тоа би биле инвестиции. Потребен е кислород за пациентот. Во спротивно, ќе дојдеме до она познатото: операцијата успешна-пациентот е мртов“.
Автор: Данхонг Џанг / Јасна Мушиќ Јанчулева
Редактор:Симе Недевски