Грција доаѓа под нов притисок
8 септември 2011Грчкиот министер за финансии, Евангелос Венизелос жестоко ги негира гласините за спор со кредиторите, но зад кулисите финансиските експерти и новинарите известуваат за сериозни несогласувања. Поради се’ позасилената рецесија во Грција, Венизелос се потешко гледа простор за натамошни заштеди и длабоки намалувања на трошоците во јавните служби.
Тројката – финансиските експерти од ЕУ, Меѓународниот монетарен фонд и Европската централна банка, сака да разбере дека даночните приходи во рецесија се намалуваат, но нема разбирање за бавната приватизација и неконтролираното владино трошење.
Помеѓу интересните групи и реформите
Илијас Кацулис, професор по политички науки на универзитетот во Атина, гледа одговорност кај грчката влада. Владата не се држеше до ветвањето дадено на Тројката, во секој случај барем не во целост, смета Кацулис. Навистина многу економски реформи се донесоа во парламентот, но тие се недоволно спроведени. Причината е што двете партии се направија зависни од професионални еснафи, кои ја блокираа секоја мерка за штедење, особено во јавните служби. Всушност, овие интесни групи се изолирани во јавноста. Но, тие се уште се во можност да го уценуваат целото општество, ако сметаат дека треба да ги бранат своите привилегии. И тоа е она со што сега се живее во Грција.
Кој ќе им се спротивстави на интересните групи, ќе мора да се бори против ветрот. Сепак, се чини дека мнозинството од населението во секој случај ќе застане зад штедењето во јавната администрација. Но, тие луѓе се иритирани од од постојаните конфликти во рамките на социјалистичката владејачка партија, кои Папандреу само привремено може да ги стави во втор план.
Еврозоната во опасност?
Изненадување во Атина донесоа и некои реакции во странство, како што е барањето на Финска – финансиската помош да се осигура преку давање гаранции. „Финците сакаат да им дадеме кредит за да ни позајмат пари“, сумираше пред некој ден весникот „Елефтеротипија“.
Позагрижувачка се чини дека е дебатата што се води во Германија за исклучување на Грција од еврозоната, смета професорот Илијас Кацулис, кој и самиот има докторирано во Германија. Во заеднички апел заедно со други грчки научници тој бара и ја замолува германската јавност да ја поддржи неговата земја. Кредиторите ќе мораат да покажат поголемо трпение и да дозволат повеќе време за спроведување на потребните реформи, објаснува атинскиот политиколог. Каснењето од неколку месеци нема да донесе понатамошни последици.
Повеќепати се одлучи дека Грција може да остане во еврозоната. Затоа, грчките научници сакаат да привлечат внимание на нивниот апел. Во последно време има премногу шпекулации за монетарна унија без јужниот дел од Европа. Но, тоа ќе биде навистина премногу опасно за целиот проект на европската интеграција, смета професорот Кацоулис.
Атина се фокусира на растечки импулс
Во идеален случај, Грците се надеваат дека не само што ќе ги исполнат кредитните гаранции и целите за штедење, туку и дека ќе бидат импулс за раст во останатите европски земји. Но, како можат да се создадат поволни услови за странските инвеститори во Грција?
И покрај рекордна невработеност од повеќе од 16 проценти, веројатно се подготвен да направат многу, верува професорот по економија на Универзитетот во Солун, Харис Папапанагос. Станува збор за посебни зони во покранината со ниски трошоци на работна сила, особено во пограничните региони, вели грчкиот економист. Така ќе се придвижат многу работодавци да инвестираат во локално, а не во соседните земји со ниски плати. Така, во име на конкурентноста со другата страна од границата, многу работници ќе мора да ја прифатат загубата во приходите од 400 евра месечно.
Грчките медиуми веруваат дека и овој предлог доаѓа од Тројката. Тоа е многу контроверзно. Веќе во Северна Грција има фирми и туристички бизниси со привремени работници од соседните земји, кои вршат притисок врз трошоците за плати. Грчките работодавачи би ги поздравиле отворањата на посебните економски зони, за на тој начин да се заштедат уште повеќе плати и да се привлечат странски бизнис партнери, но тие наидуваат на силните противења на синдикатот. Најголемиот синдикат во Грција – ГСЕЕ во тој смисол зборува за „нов колонијализам“.
Грција е повторно под притисок, откако Тројката мораше да ја напушти Атина во минатата недела без успех во спроведувањето на мерките за штедење. Во првата половина од Септември тие треба да ги продолжат разговорите во земјата, кога грчкиот министер за финансии, Евангелос Венизелос ќе го поднесе својот предлог за буџетот за 2012-та година. Владата на премиерот Јоргос Папандреу е свртена со грбот кон ѕид и бара повеќе време за спроведување на болните реформи, како што рецесијата во земјата излегува од контрола. Во 2011-та грчката економија ќе се намали за пет проценти, а бројот на невработени до крајот на годината ќе премине еден милион.
Автор: Јанис Пападимитриу/ Александар Методијев
Редактор: Симе Недевски