Грција го губи своето најголемо богатство
5 јули 2016Тешката криза наведе 427 илјади граѓани на Грција (која има околу 10 милиони жители) да ја напуштат својата татковина. Од 2013. состојбата се влошува и секоја година околу 100 илјади Грци заминуваат во странство во потрага по работа.
Грција е одамна иселеничка земја. Од 1907. од Грција во потрага по подобар живот заминале 1,8 милиони луѓе и според студијата на грчката Централна банка, во моментов се одвива нова, трета голема преселба на Грците од татковината - и притоа, можеби и најлошата од сите досегашни.
Во првиот бран, во далечната 1907. до Првата светска војна се заминувало главно од селата, во САД, Канада, Јужноафриканската република, Бразил...
Во втората фаза, во 60-те и 70-те години од минатиот век луѓето во потрага по работа заминувале пред сѐ во Западна Европа. Нешто поинаку било во 70-те години, кога за време на воената диктатура на гастарбајтерите им се приклучиле и многу левичарски интелектуалци.
Сега заминуваат пред сѐ лекари, медицински персонал, инженери, техничари и добро образовани млади луѓе кои повеќе не гледаат никаква перспектива во татковината. Се работи за типичен случај на „одлив на мозоци“ и тоа во огромни размери: државата им го платила образованието и на земјата ѝ требаат тие луѓе за да ја водат во иднина. Наместо тоа, уморни од невработеноста или ниските плати, тие заминуваат во странство: Велика Британија, Германија и Обединетите арапски емирати се на чело на листата на земји во кои се заминува.
Одлив на мозоци
Софија Лазарету, автор на студијата на грчката Централна банка „Бегство на човечкиот капитал: современи трендови на миграција во Грција во кризата“ ги констатира фактите и проценува дека не се гледа крајот на тој егзодус од нејзината татковина. Тоа се податоци кои ги тангираат и Централната банка и меѓународните финансиски институции: миграцијата од таков вид укажува дека заминуваат образовани луѓе без кои во догледно време не може да се смета на економско опоравување. Тие можеби ќе испраќаат малку пари во татковината, но тоа не е ни дел од она што би го носеле во државната каса кога би работеле дома. И можеби и да вработат некој кој би работел за нив.
Стапката на невработеност меѓу младите во Грција е преку 50 проценти, а и во другите земји не е многу подобро. Речиси секој четврти е без работа. И добро образованите млади луѓе живеат мизерно. Секој кој ќе ја посети Атина може да ја забележи таа „загубена генерација“. Работат во кафулиња, барови и таверни, најчесто „на црно“ и едвај некој заработува повеќе од 400 евра месечно.
Цели семејства живеат од бесплатни оброци за сиромашни кои ги организираат црквите и градовите. На некои, единствен приход им се пензиите на бабите или дедовците. „Кој може заминува“, вели Јоргос Тагарис, 52-годишен лекар во пристанишниот град Патрас. Само од болницата во која тој работи во изминатите четири години заминале 17 лекари, а вработени се само четворица нови. Тој не планира да си замине, бидејќи има деца кои одат во училиште. Но, ако стане уште полошо...