Griechenland Briefbomben
3 ноември 2010Ноќеска во карго-одделот на аеродромот во Атина беа пронајдени две писма-бомби. Експертите на грчката полиција ги демонтираа двете експлозивни направи, од кои едната беше адресирана до европските полициски сили Европол, а другата до Европскиот суд во Луксембург. Грчките сили за безбедност, во меѓувреме, ја бараат дупката во системот, што овозможила двете писма бомби да стигнат до аеродромот. Трагата засега води кон двете филијали на меѓународниот концерн за поштенски услуги УПС, каде најверојатно била предадена и пратката со експлозив за германската канцеларка Ангела Меркел.
Премиерот решителен
Грчкиот премиер Јоргос Папандреу вчера на маргините на една предизборна манифестација во градот Јанина, манифестираше загриженост, но и решеност да ја продолжи борбата против радикалните сили во земјата: „Немаме милост кон луѓето кои го нарушуваат социјалниот мир и сакаат да предизвикаат насилство, кои го загрозуваат угледот на нашата татковина во странство и тоа токму во овие тешки времиња. Секој граѓанин има право на сигурност. Нашата демократија не се плаши од тероризмот!“
Богато бомбашко минато
Притоа, мора да се нагласи дека бомбашки напади во Грција воопшто не се реткост. Терористичката група „Заговор на огнените јадра“ минатите години изврши повеќе такви напади, меѓу кои и серијата писма бомби испратени за грчки политичари и странски фирми во земјата, од февруари 2008. Овој пат, бомбашките напади се чини се насочени против мерките за штедење во Грција, што ги побараа Европејците за да се санира грчкиот државен долг и за да се спаси стабилноста на еврото. Посебно на мета се германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Никола Саркози, кои беа поборници за заострени мерки против буџетските грешници во евро-зоната.
Дополнително затегната ситуација
Состојбата во Грција, меѓутоа, и инаку е напната поради остриот владин курс на штедење, растечката невработеност и дополнително поради претстојните комунални избори. Опозицијата се обидува да ги претвори општинските избори дури во еден вид референдумско изјаснување против политиката на актуелната влада во Атина. Претседателот на десно-популистичката партија „Православно народно движење“, Јоргос Караџаферис, гледа добри шанси за профилирање на неговата партиска програма на комуналните избори. По серијата бомбашки напади тој се обидува да се прикаже како добар заштитник на татковината: „Нема сомнеж дека некој се обидува да ја дестабилизира нашата земја по пат на тероризам“, порача Караџаферис во предизборната кампања.
Автор: Јанис Пападимитриу/ Горан Чутаноски
Редактор: Александра Трајковска