Грција: Без прогнози за новата рунда разговори кај Нимиц
5 мај 2014Сите медиуми во Грција, како што јавува македонската новинска агенција МИА, објавија информација за утрешниот состанок, но без дополнителни детали од „дипломатски извори“ или „неименувани експерти“. Во меѓувреме, провладинот „Катимерини“, кој изминативе неколку дена секоjдневно објавува по некоја анализа за политиката на македонските власти, новата рунда разговори за името ја поврза со „двојниот триумф на Никола Груевски на неодамнешните претседателски и парламентарни избори“ во Македонија.
Под наслов „Нови разговори на Нимиц со Грција и Македонија по триумфот на Груевски“, весникот информира за утрешниот состанок во Њујорк и останатиот дел од текстот го користи за остри напади против македонските власти и повторно да го обвини македонскиот премиер Никола Груевски за „екстремен национализам“.
Во исто време, весникот „Левиот пат“ објави анализа на познат грчки сценарист и филмски работник во која пишува дека проблемот со името, кој некогаш беше нарекуван „македонско прашање“, а сега е „Скопје“, останува „отворена рана на грчката дипломатија“.
„Тоа е рана со карактеристики на самоповредување, затоа што нашата надворешна политика ја зголеми инфекцијата на раната, откако не се погрижи за нејзино лекување, кога и како што беше потребно“, пишува весникот и признава дека ембаргото, што во деведесетите години Грција го воведе кон Македонија, беше дипломатска грешка иронично нарекувајќи ја „брилијантна“ идеја на Самарас додека беше во Министерството за надворешни работи.
Потсетувајќи дека „постои зголемена чувствителност во северниот дел на Грција за прашања поврзани со надворешната политика“, авторот нагласува дека „со одбивањето на ’пакетот Пинеро’ од страна на тогашниот министер за надворешни работи Андонис Самарас, беа повредени елементарните правила на дипломатијата и апсолутната бескомпромисност доведе до сличен став и кај спротивната страна“.