Голема шлаканица за Грција и ЕУ
21 јануари 2011Судиите во Стразбур му дадоа право на еден авганистански бегалец, кој поднесе жалба до Европскиот суд за човекови права поради недостојните услови во грчките прифатни кампови за бегалци. Тој од Грција отпатувал за Белгија и таму во 2009 година поднесол барање за азил. Со оглед на тоа што Грција е земја во која бегалецот првпат влегол на територија на ЕУ, Белгија донесла одлука тој да биде вратен во Грција уште истата година, иако и‘ е познато дека условите во грчките прифатни кампови важат за катастрофални, со оглед на тоа што властите не можат да излезат на крај со огромните бранови илегални бегалци. Поради тоа, Германија и други земји на ЕУ веќе не ги враќаат подносителите на азил во Грција. Но, Европскиот суд за човекови права во Стразбур смета дека одредбата на која се повикала Белгија, дека за секој барател на азил надлежна е државата во која тој првпат влегол на територија на ЕУ, не е во согласност со Европската конвенција за човекови права. Тоа ќе значи дека некои земји од ЕУ ќе мора да ги променат своите правни одредби од областа на азилот, за што Европската комисија веќе има подготвено и свои предлози.
Автор: ЖА/ЕМФ/дпа/кна
Редактор: Симе Недевски