Голема Европа на српски начин
17 март 2014Александар Вучиќ триумфирачки ја спореди својата победа со победата на Слободан Милошевиќ од 1990. година. Оваа споредба е малку чудна за еден Европеец, а Вучиќ премолче и една вистина- дека и големо мнозинство граѓани може да направи погрешен избор, што покажа долгогодишната доминација на Социјалистичката партија на Слободан Милошевиќ. Ако Милошевиќ не беше диктатор, тогаш, како што рече еден паметен аналитичар, тогаш беше плебисцитарен автократ.
Погрешниот избор е ризик кој се крие во секоја слобода на избор. Граѓаните често избираа и по Милошевиќ. Судејќи по се‘, често бирале погрешно. Политичките елити повеќе пати ги излажаа. Оние од Милошевиќ ги поведоа во војна, а оние по него во транзиција која доби клептомански размери. Сега сите надежи се сконцентрираа на реформираните националисти, на чија агенда не е Голема Србија, туку голема Европа. Сега се работи за проширување на ЕУ преку пристапот на Србија, а не за проширување на Србија преку поместувањето на границите.
Зошто е Вучиќ толку успешен?
Владата која формално ја водеше Ивица Дачиќ, а чиј суштински курс го одредуваше Вучиќ, успешно изврши неколку работи: спогодбата со Косово, апсењето на омразените тајкуни, статус на кандидат во пристапните преговори со ЕУ. Вучиќ сето тоа вешто го спакува како свој успех. Сега гласачите со гласањето а негласачите со неизлегување на избори ја наградија неговата партија, која е многу посилна од сите опозициски партии заедно. Како и да изгледа, опозицијата ќе биде речиси невидлива и нема да биде во состојба да стане критички коректив на власта, дотолку повеќе што Либерално-демократската партија и Демократската партија на Србија (ДСС) отпаднаа од Парламентот. Но, Србија не може себе си да си дозволи уште еднаш владејачка елита која би се однесувала големопоседнички, макар тоа овојпат да биде и во име на приближување кон ЕУ.
Нов спасител?
Александар Вучиќ ќе биде новиот премиер. Тоа е поискрен однос од оној во кој Дачиќ беше премиер, а Вучиќ газда. На новата влада ѝ е потребен јасен мандат за болните реформи. Граѓаните, чии очекувања се горко изневерени во ерата по Милошевиќ, бараат некого кој ќе им ја врати надежта или ќе им донесе спас. Вучиќ нуди доволно во тој поглед. Но, лошата вест за граѓаните гласи: плебисцитарно потврдените кандидати сметаат дека се бесмртни. Сега, по изборите ќе се покаже дали е Вучиќ приврзан кон земската демократија или кон само нему познати бесмртни амбиции.