Гласната насмевка на турските жени
31 јули 2014Смеењето е здраво. Тоа барем го вели медицината. Турскиот вицепремиер Булент Аринч на тоа гледа поинаку. Жените „не треба пред сите луѓе гласно да се смеат“, рече Аринч, еден од водечките претставници на верското крили на владеачката партија АКП. Во говор по Рамазан тој зборуваше за моралното пропаѓање на Турција велејќи: „Жената знае што е, а што не е пристојност. Таа не треба да се смее во јавност“.
Скромноста е важна и не се работи само за обичен збор. „Хуриет дејли њус“ го цитираше политичарот: „Каде се нашите девојчиња, кои благо поцрвенуваат, ја наведнуваат главата и го тргаат погледот кога ќе ги погледнеме в лице, и на тој начин да бидат симбол на чистота?“
Вицепремиерот го критикуваше општеството воопштено. Тој смета дека тинејџерите стануваат „зависни од секс“ гледајќи телевизиски серии. Тој ја критикуваше и прекумерната употреба на мобилните телефони. „Жените зборуваат безначајни работи на телефон“. Со ова Аринч мисли на рецепти за готвење и на свадби, за кои предлага жените лично да се сретнат, наместо со часови да зборуваат на телефон.
„Хахаха“ е единствениот одговор
Екмеледин Ихшаноглу, актуелниот кандидат за претседател на најголемата опозициска партија ЦХП, на Твитер напиша: „На Турција и’ требаат жените кои се смеат и генерално сите луѓе, кои сега се смеат повеќе од кога било претходно“. И заменикот-претседател на ЦХП Бурхан Сенаталар објави: „Отсега сите ние ќе одговараме на сите изјави на Аринч со насмевка“.
Социјалните медиуми тоа го овозможуваат. Илјадници турски жени споделуваат сопствени слики на интернет, на кои се гледа дека тие гласно се смеат. На Твитер веќе има и хаштаг #kahkaha (што значи хахаха) и #direnkahkaha (што значи отпорхахаха).
Една корисничка на Твитер напиша: „Хаха, започнете го вашиот ден со насмевка. Ние, турските жени му велиме #lol (кратенка за гласно смеење) на Булент Аринч!“
Други коментари на Твитер за повикот на Аринч гласат: „Извини, само што се насмеав“, „Аринч треба да се покрие“ или „Денеска врнеше и бев нешто тажна, ама турскиот вицепремиер вистински ме изнасмеа“.
И телевизиската новинарка Бану Гивен повика на неделни протести со смеење од страна на жените. Потоа стотици Турчинки излегоа на улиците и протестираа со смеење.
Смеење, ама и плачење
Учество на протестот зема и Гинес Акчај. Таа постира фотографии и видеа на кои се смее. „Всушност, јас ова и не гледам дека е смешно. Кога го слушнав ова, речиси што не заплачав“, вели Акчај во разговорот за Дојче веле. 33-годишната феминистка излегува на улица да протестира поритв „малоумните“ и „засрамувачки“ забелешки на мажите од АКП. Таа вели дека „оваа политика вака се води со години“. „Минатата година се сакаше на бремените жени да им се забрани да се покажуваат јавно на улица, а сега се сака да се забрани смеењето. Навистина е фрустрирачки. Каде води ова? Дали живееме во среден век“, критикува активистката.
Таа смета дека мажите од АКП гледаат на жените како на накит кој мора да седи на каучот. „Таков е нивниот менталитет. Тие не гледаат како нешто потпросечно“, вели таа. Жените велат дека имаат чувство оти ништо нема да се промени и дека работите ќе стануваат потешки.