Гест на помирување во Калаврита
5 октомври 2016Калаврита, идилична природа во планините на Пелопонез. Но има уште една приказна која до денес предизвикува болки. На 12 декември 1943 година тука се случи едно од најголемите воени злосторства. Германскиот Вермахт погуби повеќе од 700 луѓе, мажи и младинци постари од 14 години. Останаа само жените и децата. Оттогаш ова место се нарекува „село на вдовиците“.
Кога Германец ќе дојде тука, неизбежно ќе биде соочен со историјата. Така беше и со хорот на ДВ, кој ја посети Калаврита како прва станица на својата еднонеделна турнеја низ Грција. Ирене Анастасопулос, уредник во грчката програма на ДВ го организираше патувањето со помош на германското МНР- планирано како придонес во процесот на помирување и подобро разбирање меѓу Грците и Германците.
„Тоа беше најтешкиот настап кој воопшто сум го имала“, вели Евелин Барч, се уште видно потресена. Таа не беше единствената која таа ноќ имаше тешкотии при пеењето.
Калаврита е место на воени злосторства, отпор, вина и репарации. Во ткн. Музеј на Холокаустот во селото раскажана е целата приказна од војната и периодот кога тоа било под германска и италијанска окупација. Документите покажуваат дека „Операцијата Калаврита“ била долго планирана во рамките на офанзивата против движењето на отпорот во регионот. Откако грчките партизани заробиле и стрелале 80 германски војници, окупаторите возвратиле со одмазда врз цивилите. И тоа десеткратна.
Денес 91-годишната Александра Рестеми се потсетува како заедно со соселаните ги носела мртвите до селските гробишта и како ги закопала својот татко и брат. На старата госпоѓа се уште и течат солзи кога ја раскажува страшната приказна. Долго време и требало воопшто да проговори за масакрот- кога веќе имала 70 години.
До денес нема репарација
На почетокот на 60-те години, германската влада и исплатила на Грција репарации во вредност од 115 милиони марки, со што официјално биле исплатени сите индивидуални барања за отштета. Во Калаврита никој не видел ништо од овие пари. За Филипос Сарделакис проблемот е далеку од решен. Тој ни покажува документи кои ги завела неговата мајка. Во нив е прецизно опишано сѐ што нивното семејство загубило. Германските војници однеле сѐ што било вредно, дури и козите, и на крај ја запалиле куќата до темел. Овој случај не е исклучок, туку правило. Жените во Калаврита не ја преживеале само траумата од масакрот, туку морале и да се борат за голо преживување.
„Очекувам една морална репарација, признавање на страшното злосторство, и секако Германците треба да платат за уништувањето и грабежот“, вели Сарделакис.
Но, тоа е тежок проблем. Индивидуалните тужби за репарација не се признаваат ниту од Европскиот суд на правдата, ниту од Судот во Хаг. Сепак, за многу жители на Калаврита, германската влада од морална гледна точка има обврска за надокнадување на штетата.
„Доколку успееме да смириме само неколкумина од нив, веќе сме успеале“, ни рече раководителот на хорот Маја Браун пред настапот. И одеднаш и покрај бурните емоции меѓу 50-ната присутни во Калаврита, во просторијата одекна песната на хористите од 20 земји од светот. Песни за мир и слобода, од Микис Теодоракис до делови од Набуко. На крајот ракоплескаа сите.