Германија стои зад ветувањето за прием на Бугарија и Романија во ЕУ од 1 јануари 2007
2 јуни 2006Извештајот на Европската комисија за состојбата во преговорите за членство на Романија и Бугарија во Европската унија наиде на пофалби во германскиот парламент. Станува збор за отворен и искрен извештај, нагласија синоќа пратениците. На тој начин Европската комисија ја зголемува и довербата на граѓаните во Унијата,а истовремено го одржува притисокот врз двете земји. Истовремено, германските пратеници сметаат дека е можно да се одржи датумот за нивно членство од 1 јануари идната година. Никој не го стави под прашалник нивното членство: Бугарија и Романија во изминатите години направија впечатлив напредок што беше можно токму поради притсокот на Европската унија. Затоа либералот Маркус Ленинг подвлече:
„Постојано ќе велам, иако таквите нешта во Германија се непопуларни: проширувањето кон Исток беше успех, успех за Германија и за Европа„.
Но, подеднакво како и Европската комисија, така и германските пратеници: зад пофалби следуваше едно „НО„: Романија во четири, а Бугарија во шест подрачја мораат да ги совладаат дефицитите до следниот извештај во почетокот на октомври. За Бугарија најтешките задачи се наоѓаат во независноста на судството и битката против корупцијата и организираниот криминал. Гинтер Крихбаум од пратеничката група на демохристијаните ги сублимира мислењата на мнозинството пратеници:
„Мораме да соопштиме јасни очекувања до владата и државното раководство: на тој план очекуваме нула толеранција„.
За уште една точка пратениците беа единствени: одлагањето на членството во ЕУ за една година би било контрапродуктивно. За тоа социјалдемократската пратеничка Лале Акгин:
„Мораме да си го поставиме прашањето што би значело одлагањето на политички план. Одолговлекуавњето би било налевање вода на мелницата на анти-европските сили како што се деснорадикалната партија Атака и движењето „Штит„ во Бугарија. Тие ќе го инструментализираат одлагањето и ќе добијат приврзеници меѓу граѓаните„.
Од тие причини германските пратеници ги поддржуваат предлозите на Европската комисија: внесување заштитни клаузули или мониторинг по зачленувањето во ЕУ, во случај Бугарија и Романија да не ги совладаат дефиците до есен. Клаузулите предвидуваат исклучување од соработката во области со дефицити, но и неисплата на средствата од касата на Унијата.