Германија е за Израел една од најважните држави
31 јануари 2011Речиси преку ноќ една со децении долга константа во израелската безбедносна стратегија се покажа како исклучително кршлива. Долгата граница кон Египет утврдена од 1979 преку првиот мировен договор на Израел со една арапска држава, не им предизвикуваше големи главоболки ни на изралската војска, ниту на политиката се’ до минатиот викенд. Меѓутоа, тоа веќе не е така. Организацијата на борбените сили би морала одново да биде обмислена, пледираат воените експерти во израелските весници. Конечно, тесната безбедносно-политичка соработка со египетските служби бргу би можела да припаѓа на минатото.
Израел со се’ помалку сојузници
Во борбата против заедничките непријатели - Муслиманското братство во Египет и движењето Хамас во палестинските области, режимот на Хосни Мубарак и Израел тесно соработуваа. „Стратешката загрозеност“ на Израел на Блискиот Исток по масовните протести во соседната земја повеќе не може да се игнорира. „Ние сме сами, без сојузник“, анализираше водечкиот дневен весник во земјата. Египет, во секој случај, во наредните недели и месеци ќе се занимава со сам себе. Стратешкото партнерство со Турција по крвавата израелска акција врз хуманитарниот конвој за појасот Газа се распаѓа. Во Јордан, кралот Абдула одбива да се сретне со премиерот Бенјамин Нетанјаху. На север, во Либан, радикалното шиитско движење Хезболах успеа да ја преземе власта во земјата, а во окупираниот Западен брег, претседалот на Палестинците Махмуд Абас е цел на се‘ поголеми критики по објавувањето на тајните документи од израелско-палестинските преговори на Ал Џазира.
Германија - централен стожер на односите на Израел со ЕУ
Меѓутоа и во западниот свет израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се‘ повеќе е осамен. Расположениете во рамките на ЕУ кон Израел се влошило, можеше да се чуе во кругови на германската, но и на израелската влада воочи посетата на канцеларката Ангела Меркел на Израел. Така, Германија на Нетанјаху во моментов му изгледа како единствен доверлив партнер во ЕУ, како што впрочем вчера ги потсети неговите министри:
„Ние имаме многу заеднички интереси во економијата, безбедноста и надворешната политика. Ние во Германија гледаме централен стожер на нашите односи со Европа. Тоа е една од најважните држави во светот и една од најважните држави за Израел. Разбирливо е дека ние во текот на оваа посета, ќе разговараме и за развојот на ситуацијата во регионот.“
Како израелската влада ги оценува турбуленциите во арапските држави, од Тунис преку Јордан и Јемен. па се’ до Египет, германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле можеше да дознае синоќа од неговиот израелски колега по функција, Либерман. Тој масовните протести во Египет буквално ги нарече „најдобар пример“ за тоа дека израелско-палестинскиот конфликт не игра централна улога во дестабилизацијата на умерените арапски држави.
Автор: Клеменс Ференкоте / Симе Недевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска