Власта критикува,опозицијата има разбирање за грчките барања
8 април 2015Сојузниот министер за економија и германски вицеканцелар Зигмар Габриел (СПД) повторно ја отфрли идејата да и’ се плати репарација на Грција. Габриел го нарече „глупаво“ поврзувањето на актуелните проблеми во еврозоната со барањата за плаќање на воена оштета. Тој истовремено ја поддржа идејата Берилн поширокоградо да настапува кон другите членки во еврозоната: „Би било праведно кога ние како Германци, кои неверојатно многу заработивме на монетарната унија, да им вратиме малку од тоа“, рече тој во Берлин.
Вчера претпладне (07.04) грчкиот заменик министер за финансии Димитрис Мардас во Атина прецизираше дека Грција смета оти Германија треба да ја надокнади воената штета во износ од 278,7 милијарди евра. Притоа се повика на еден парламентарен одбор кој имаше за задача да ги пресмета грчките барања. Сојузната влада во Берлин смета дека приказната околу грчките и барањата на другите земји за репарација е завршена со потпишување на Договорот 2+4 во 1990.година. Темата е „политички и правно затворена“, изјави сојузната канцеларка Ангела Меркел во март.
Опозицијата ја разбира Атина
Грчките барања за плаќање отштета наидоа на плодна почва во Левицата, најголемата опозициска партија во Бундестагот. Шефот на партијата Бернд Риксингер од сојузната влада побара да соработува со надлежната парламентарна комисија во Атина. „Божемниот колективен заборав на историјата од страна на сојузната влада е крајно срамотен“, критикуваше тој.
И некои социјалдемократи и членови на Зелените во минатото јавно изразија барем разбирање за грчките барања. Шефот на пратеничката група на Партијата на Зелените, Антон Хофрајтер побара повеќе „сензибилитет“ кон Грција. Неговиот колега од пратеничката група Мануел Зарацин предложи овие две земји ова прашање да го решат пред некој меѓународен суд.
Нацистичките СС единици за време на Втората светска војна во Грција изведоа брутални масакри, на пример во јуни 1944. година во местото Дистомо. Околу прашањата за репарација веќе е изработена и една опсежна грчка студија. Врз основа на таа студија надлежната парламентарна комисија во Атина и Врховниот суд на Грција моментално ги испитуваат можностите со чија помош би можеле да поднесат барање за исплата на отштета од страна на Германија. Вкупниот износ на барањето е проценет на 269-332 милијарди евра.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас во март во парламентот рече дека со формирање на комисијата „им се оддава почит на сите жртви од Втората светска војна и нацизмот. Нема да заборавиме дека и германскиот народ страдаше под владеењето на нацистите“, додаде Ципрас.
Пред банкрот
Грција е во акутна беспарица. Во моментов доверителите и владата во Атина преговараат околу исплатата на последната кредитна рата од актуелната програма за помош ( која е пред гаснење) во висина од 7,2 милијарди евра. Доколку нема нова финансиска помош, на Грција веќе за неколку дена и’ се заканува неликвидност. Грција од државен банкрот ја спасија финансиските инјекции на меѓунароните партнери во 2010. година во вкупен износ од околу 240 милијарди евра.