Гаук повикува на цивилен кураж против расизмот
9 јуни 2014„Во секојдневието секој од нас може и мора да стори нешто за предрасудите и омразата да не го трујат соживотот на различните“, изјави попладнево во Келн германскиот претседател Јоахим Гаук. Тој зборуваше на одбележувањето на десетгодишнината од бомбашкиот напад, извршен најверојатно од десни екстремисти, на улицата Којпштрасе во Келн, на која живеат главно Турци.
За предрасудите и омразата да не го трујат соживотот треба да не се смееме на расистички вицови и да не учествуваме во злобно озборување, рече Гаук, додавајќи: „Ние покажуваме како сакаме да живееме - со почит и мирно. Ние сме различни, но припаѓаме заедно.“
Сојузниот претседател зборуваше на Фестувалот на културата „Бирликте - Заедно“ во келнската населба Милхајм, каде на 9 јуни 2004 година експлодираше бомба полна со шајки. Во нападот беа повредени 22 лица, од кои дел тешко. Се претпоставува дека зад нападот стои терористичката организација НСУ. Полицијата со години ја исклучуваше можноста да станува збор за напад со десноекстремна позадина и претпоставуваше дека извршители се припадници на турското криминално милје или се работи за напад кој се должи на турско-курдскиот конфликт.
Гаук денеска потсети на страдањето на жртвите од терористичкиот напад и погрешните сомнежи. „Денес се сеќаваме и на тоа колку од погодените беа оставени сами или дури беа осомничени, на тоа колку недоверба беше посеана тогаш.“
Сега во истражните комисии на покраините и сојузот се прават напори за расчистување на тероризмот на НСУ, тоа се прави и на судскиот процес против НСУ во Минхен, рече Гаук. Според него, важно е „да се продолжи со расчистување онаму каде што има отворени прашања“.