Враќањето на Шешељ- враќање кон безумието
9 ноември 2014Војислав Шешељ е многу болен, но постои една изрека дека понекогаш можете некому да му го продолжите животот, доколку помислите дека е на умирање. Ако не физички, тогаш барем симболично. Но, пред да замине од овој свет, Шешељ ќе предизвика уште по некој проблем, во Србија и во соседството.
За потсетување, во Хаг во 2003 година го испратија неговите пријатели и најблиски соработници од Српската радикална партија Александар Вучиќ, денес српски премиер, и Томислав Николиќ, актуелен претседател. Откако тие двајца ги напуштија радијалите, Шешељ од Хаг немоќно гледаше како неговата партија тоне во безначајност. Со оглед на актуелната состојба, сѐ би требало да биде в ред, но ни одблизу не е така.
Шешељ, дури и да не може активно да се вклучи во политичката борба, тој ќе претставува потенцијална опасност за Вучиќ и Николиќ. Многу Срби, дури и оние кои не се симпатизери на радикалите, во повратникот ќе видат храбар Давид кој го победил Голијат наречен Хашки суд. Притоа, кобно е тоа што токму случајот Шешељ сведочи за целосното промашување на меѓународното правосудство: ниту после толку години го осудија, ниту го ослободија, а никој не знае дали и кога ќе дојде најавената пресуда.
Интелигентен и правно поткован, политичкиот кабаретист Шешељ го доведе својот процес до апсурд. Честопати неговите настапи беа на границата на сатира, полни со нелагодност и за судиите и за сите присутни. Неговата субверзивна одбрана, комбинирана со неспособноста на Обвинителството и Судот да изнесат конкретни докази, доведоа до ќорсокак. Кога Шешељ се разболе, на судиите не им беше пријатна помислата дека и оваа сага може да заврши како во случајот со Слободан Милошевиќ- со смрт на обвинетиот, и тоа без пресуда, со други зборови, со фијаско. Така, болниот Шешељ речиси беше протеран од Хаг во Белград.
Секому, кому му значат нешто правдата и правото, ќе му остане горчлив вкус во устата. Проповедањето на омразата ќе остане неказнето. Освен тоа, Хашкиот трибунал не успеа да го докаже непосредното учество и улогата на Шешељ во командната структура која произведе страшни злосторства. Не е никаква утеха тоа што пред него од Хаг беа пуштани луѓе кои несомнено, исто така имаа свое место во злосторничкиот круг: еден српски генерал, поранешен министер за полиција и негов оперативец, потоа еден хрватски генерал, бошњачки командант и неколку албански герилци.
Сеедно уште колку ќе живее, Шешељ ќе остане фигура која околу себе собира исфрустрирани националисти, но и разочарани граѓани кои се економски и политички докрајчени. Веројатно белградската политичка елита стравуваше од враќањето на Шешељ и затоа што тој премногу знае за годините на заедничката крвава политичка и воена борба за големосрпската утопија.
Со Шешељ, огромните проблеми на Србија нема драматично да се зголемат. Нема да има враќање на агресивната политика од 1990. Но, тие ќе станат далеку повидливи и помачни. Случајот Шешељ се приближува до своето финале. Ќе остане запаметен по тоа колку блиску едно до друго можат да бидат остроумноста и безумноста, хуморот и омразата. И по тоа како понекогаш до неподносливост се разијдуваат правото и правдата.