Руски пријатели во Атина
29 јануари 2015Веста дека изјавата за можни нови санкции против Русија, издадена од претседателот на Советот Доналд Туск во име на сите шефови на држави или влади на ЕУ, не била усогласена со Атина, предизвика иритации на релација Атина - Брисел. Се чини дека Туск сакал да обезбеди решение за поостри санкции користејќи постапка со пишана кореспонденција, Грција не одговорила - што се оценува како согласност.
Тоа, според ЕУ-експерти, е вообичаена постапка. Вангелис Калпадакис, дипломатски советник на премиерот Алексис Ципрас, во изјава за грчки весник изнесува поинаков став: институциите на ЕУ не и’ оставиле нужно време на Грција, иако било познато дека во тој момент новиот министер за надворешни работи уште немал положено заклетва.
Тој приговор дури во извесни околности може да е и оправдан, вели Панајотис Јакајмидис, професор по Европска политика на универзитетот во Атина, во разговор за Дојче веле: пишаната постапка е вообичаена процедура за претставникот на ЕУ за надворешна политика, но не и за претседателот на Советот на ЕУ. Кај изјавите на шефовите на држави или на влади по правило многу се внимава на консензус. Ако некој премиер навистина не бил изрично прашан, тоа би било отстапување од вообичаената процедура, оценува Јакајмидис.
Фуриозен старт на новиот министер за надворешни работи
Дали на грчката влада и’ е важна процедурата или таа има и принципиелни приговори против политиката на санкции? Стартот на новиот министер за надворешни работи Никос Коцијас остава простор за претпоставка дека станува збор за второто. Примопредавањето на должноста тој го искористи за на прес-конференцијата на „некои“ партнери во ЕУ да им префрли дека не ги почитувале правилата на играта, за да можат да создадат факти уште пред новата грчка влада да положи заклетва. „Се лаже оној, кој верува дека Грција поради товарот на долговите ќе се откаже од својот суверенитет или од активното учество во европската политика“, предупреди Коцијас. Неговиот претходник Евангелос Венизелос, кој беше исто така присутен, ова го сфати како критика на начинот на кој ги водел работите и веднаш изјави дека товарот на долговите „никогаш“ не бил злоупотребен како средство за притисок врз Атина. На ова Коцијас возврати дека тоа сето било решено уште на денот на изборите, а, инаку, одредени прашања можат и “поинаку да бидат третирани“.
Веќе на денешната (29.01.2015) седница на Министрите за надворешни работи на земјите на ЕУ ќе биде јасно дали Коцијас има намера поинаку да го третира прашањето за санкциите против Русија, на која ЕУ и’ се заканува со заострени мерки поради ескалацијата на насилство во источна Украина. Дефинитивно решение, кое мора да е едногласно, треба да биде донесено на самитот на ЕУ на 12 февруари. Така Грција во оваа работа има потенцијал за да врши притисок. Професорот Јакајмидис предупредува дека „Грција би требало да негува најдобри односи со Русија, но истовремено да не го загрозува консензусот во надворешната политика на ЕУ“. За задршките би требало да се разговара, преговара, да се направи обид за својот став да се убедат европските партнери. Но, во секој случај е важно Грција да опстои врз европскиот консензус, предупредува експертот.
Владин тим со русофилски потенцијал
Новиот министер за надворешни работи Никос Коцијас, професор по политика на унивезритетот во Пиреја со специјалност „Брикс-држави“ (Бразил, Русија, Индија, Кина, Јужна Африка, н.з.), е необична фигура: го сметаат за брилијантен мислител и остер аналитичар, кој сака да ги етаблира и популаризира своите претстави за надворешната политика. Тој докторира на универзитетот во Марбург и е извонреден познавач, но и критичар на Германија. Насловот на неговата најнова книга доволно кажува: „Грција, една должничка колонија. Европска империја и германско претседавање“. Многу објаснува и неговото дело „Надворешната политика на Грција во 21. век“, во кое овој левичарски политичар се залага за приближување на Грција кон БРИК-земјите, но без да го доведе под прашање својот европски идентитет.
Новиот шеф на дипломатијата беше основачки член на организацијата на подмладокот на Комунистичката партија на Грција и таму го доби прекарот „Суслов“, според поранешниот главен идеолог на советските комунисти. Леволибералниот „Весник на уредниците“ го означува Коцијас како „најголемата непознаница на новата влада“ и пишува за неговите поранешни контакти со московскиот идеолог Александар Дугин, кој пледира за „Евроазиска унија“ и е заробеник на великоруски идеи.
Според информациите на либерално-конзервативниот атински весник „Катимерини“, премиерот Ципрас навистина размислува да стави вето на заострените санкции против Русија. Во противпотег, според весникот, Москва била подготвена да ја изземе Грција од трговските санкции против ЕУ. Освен тоа, новиот министер за одбрана Панос Каменос од коалиционата десничарско-популистичка партија АНЕЛ, се залага и за зделки со оружје со Русија.