Во Берлин свечено се отвора новата американска амбасада
4 јули 2008Со денешната прослава амбасадата се враќа на местото каде што беше и пред Втората светска војна. Големиот настан се случува токму на американскиот национален празник, а на чинот на отворањето ќе присуствуваат и поранешниот американски претседател Џорџ Буш сениор и канцеларката Ангела Меркел.
Темелите на пријателството
Американците одиграа неверојатно голема и судбински важна улога во повоена Германија. Иако беа окупациона сила во скршена нацистичка Германија, тие покажаа голема солидарност со граѓаните на поразената сила. Приказната за пријателството почна со блокадата на Западен Берлин од страна на советските сили во 1948-та, на што Американците одреагираа со до тогаш невиден воздухопловен мост, преку кој цели 15 месеци ги снабдуваа граѓаните во западната окупациона зона. Првиот таканаречен „бомбардер со суво грозје“ полета на 26. јуни 48-та и со тоа го удри темелот на нераскинливото германско-американско пријателство.
15 милиони Американци живееја во Германија
Од тогаш изминаа 60 години, во текот на кои во Германија се’ на се’ живееја 15 милиони Американци, кој покусо, кој подолго - некои останаа за секогаш. Најголемиот број од нив се секако војници стационирани во американските бази ширум Германија. Сепак, толку многу Американци не живееле надвор од татковината во ниту една друга земја до сега.
Влијанието на Америка не беше ограничено само на присуството на воените сили. Американската музика многу брзо беше прифатена, иако на почетокот ја емитуваше само едно радио за американските војници. Денес никој не може да си ги замисли бројните радио станици ширум земјата без американски хитови. Слично е и со американската храна, која засилено дојде во Германија во 70-тите години преку бројните синџири за брза храна, како што е Мек Доналдс. За доминацијата на американските филмови во кината ни нема потреба да зборуваме.
Берлин – амалгам на пријателството
При тоа најважна точка на разбирање меѓу народите беше и останува Берлин со својата комплицирана историја и поделеност меѓу Западниот и Источниот блок. Никој во Германија нема да ги заборави зборовите на поранешниот американски претседател Џон Кенеди кој на 23. јуни 1963-та година среде поделениот Берлин изјави: „Јас сум Берлинчанец!“
35 години подоцна, исто од Берлин, претседателот Роналд Реган ги упати судбоносните зборови до советскиот претседател Михаил Горбачов да го урне Берлинскиот ѕид, кој беше симбол за блоковската поделба на цела Европа: „Господине Горбачов, урнете го овој ѕид!“
Обединет Берлин магнет за американските уметници
Денес главниот град на повторно обединета Германија е силен магнет за американските уметници и посебно за писателите. Меѓу многубројните е и оперската пејачка Џоселин Смит:
„За мене претставуваше големо задоволство веќе помислата да дојдам во Европа. Овде сум од 1984. Како и за повеќето уметници од САД и мене ми беше јасно дека морам некако да дојдам во Европа. Бидејќи се занимавам со класична музика, за мене беше јасно дека морам да дојдам токму во татковината на големите композитори.“
Во меѓувреме Германија е трета земја во светот по бројот имигрирани Американци. Само минатата година овде се доселија 25.000 Американци – патем, двојно повеќе од бројот на Германци кои се иселија во САД.