Владиниот кабинет на советување во близината на Берлин
10 јануари 2006На советувањето во дворецот Генсхаген кај Берлин, претставниците на партиите на големата коалиција се договорија во наредните четири години да инвестираат 25 милијарди евра за поттикнување на стопанскиот пораст и зголемување на бројот вработени лица. Јудит Хартл подготви извештај за атомосферата од првиот ден на советувањето.
„Прилично сум сигурна дека ова советување ни дава можност на заокружен начин, не на само неколку минути или еден час, да се договориме околу реализацијата на она што си го зацртавме и уверена сум дека тоа ќе донесе добри резултати за луѓето во оваа земја„ – изјави канцеларката Ангела Меркел. Што се однесува поконкретно до темите на советувањето, таа на брзина на новинарите им дофрли:
„Покрај прашањето на буџетската политика станува збор пред се‘ за тоа да донесеме мерки што ќе поттикнат поголемо вработување и засилен стопански пораст.„
Пакетот од 25 милијарди евра, што вчера беше дефинитивно договорен, треба да му помогне на германското стопанство повторно да фати залет. Средствата се наменети пред се‘ за научните истражувања, за сообраќајни проекти, за санирање на згради и згрижување деца. Освен тоа треба да им се даде поддршка на градежништвото и на занаетчиите.
На партиите од големата коалиција ваквиот крупен проект, околу кој нема никакви спорни точки, им е добредојден за да презентираат единство во јавноста. Но, има секако и многу точки околу кои мислењата и понатаму прилично се разликуваат, како здравствената реформа, комбинираните плати, откажувањето од атомската енергија... Околу овие спорни теми во дворецот Генсхаген само внимателно се разговара, се навестуваат можности за компромиси. Конечни решенија никој не очекува од ова советување:
„Никакви обврзувачки решенија, туку само операционални разговори. Значи разговараме за тоа кој што треба да подготви, како да се организира целата постапка и кога треба да бараме дефинитивни решенија„ – појаснува вице-канцеларот Франц Минтеферинг.
За неговите колеги од редовите на социјалдемократската партија, исто како и за оние од партиите на конзервативната Унија ова е ново искуство, да се седи на иста маса и во мирна и конструктивна атмосфера да се разговара со неодамнешниот најлут политички противник!
На советувањето на германската влада присуствува и заменик шефот на Европската комисија Гинтер Ферхојген, кој посочи дека Комисијата очекува многу од новата влада под Ангела Меркел. Германија, како најсилна европска економиа има решавачка улога за вкупниот успех на европскиот процес, а тоа пак ќе зависи од тоа дали лидерите ќе успеат да поттикнат нов стопански пораст и поголемо вработување. „Тоа не може да оди без Германија„ – нагласи Ферхојген.
Германија го презема претседателството со ЕУ во првото полугодие од 2007-та година, а канцеларката Меркел нагласи дека најдоцна тогаш има намера да му даде нов поттик на заглавениот процес околу европскиот устав. Нејзиниот австриски колега Волфганг Шисел, кој претседава со Унијата во ова полгодие, посочи дека до крајот на јуни не очекува конкретни решенија околу заживувањето на процесот околу усвојувањето на европскиот устав. На јунискиот самит тој има намера да потикне само нова дебата околу тоа како да се заживее процесот.