Владеачката коалиција во Берлин демантира индиректно учество во ирачката војна
24 февруари 2006Парламентарниот раководител на фракцијата на партиите на унијата, Норберт Ретген, изјави: “Немало учество во изборот на целите“. Ретген и неговиот колега од СПДС, ОЛаф Шолц признаа дека луѓе од германските тајни служби им давале информации на САД со воени податоци и координати, но тврдат дека тие информации не биле релевантни за америакнската војна во Ирак.
Претставникот на зелените во парламентарната контролна комисија околу ова прашање, Кристијан Штребеле, наспроти тоа, вели дека германската тајна служба, БНД, на САД им дала четири информации во кои имало единесет потенцијални воени цели.
“Тоа е дел од целата вистина. Тие пријавиле редица објекти, кои сосема недвосмислено имале воен карактер. “
Штребеле сепак признава дека не е утврдено дали пријавените објекти навистина биле бомбардирани и дали тоа се случило откако припадниците на германските тајни служби ги пријавиле.
Владата го поднесе својот извештај за целиот случај до парламентарната контролна комисија на почетокот на неделава. Ретген и Шолц сметаат дека формирање истражна комисија, по ваквиот извештај, не е потребно. Шолц вели дека истражна комисија не би имала смисла, освен да служи за спектакл. Заменикот шеф на фракцијата на левицата, Петра Пау,пак, е на мислење дека истражна комисија е неопходна:
“Не се работи само за тешките обвинувања кои сеуште се во просторот дека БНД, а со тоа и Германија, сепак индиректно учествувале во ирачката војна. Се работи и за нерасчистените летови на ЦИА над европските земји и преку германски аеродроми, за тајните затвори за измачување во Европа, и не сакаме да заборавиме, и за грабнување германски државјани во такви затвори.“
Опозицијата притиска. Партијата на левицата е јасно за истражна комисија, зелените одлуката и својот став го носат денеска, додека либералите за тоа ќе решаваат во март.