Владата на Јоргос Папандреу на испит
21 јуни 2011Пред грчкиот парламент продолжуваат протестите.
Во парламентот грчките пратеници доцна вечерва ќе треба да гласаат за доверба на реконструираната влада на премиерот Јоргос Папандреу.
„Го повикувам парламентот да и‘ даде доверба на мојата влада. Во петокот ја формирав оваа влада бидејќи нашата земја е во критична состојба и се наоѓа на крстопат“, со овие зборови Папапандеру во саботата го почна процесот за изразување доверба, кој во Грција трае повеќе денови.
Незадоволни и во редовите на ПАСОК
Резултатите од гласањето се очекуваат во текот на ноќта. Според распоредот на силите се очекува парламентот да му изрази доверба на премиерот, имено неговата партија ПАСОК има мнозинство од пет гласови во парламентот. Меѓутоа минатите недели и месеци се’ повеќе пратеници на ПАОК изразуваа незадоволство со политиката на штедење, некои ја напуштија пратеничката група и како независини пратеници сакаат да и‘ изразат недоверба на владата. Некои само се заканија. Опозицијата меѓутоа најави дека ќе гласа против. Шефот на конзервативната Неа демократија, Антонис Самарас, на почетокот на процесот за изразување на доверба на владата изјави:
„Вашата влада опстојува на погрешна политика. Не само што не го решава проблемот, туку го продлабочува и создава нови проблеми.“
Што ако не биде изгласана доверба?
Доколку владата на Папандреу не ја добие довербата во парламентот, Грција ќе се најде пред нови избори, но тоа во прва линија ќе биде изгубено време за високозадолжената земја. Доколку ја добие довербата, на што со сета пратпазливост сметаат набљудувачите, Папандреу ќе ја надмине првата важна пречка. Втората, и значително поголема пречка на програмата е наредната недела кога грчкиот парламент треба да донесе одлука за спорниот пакет мерки за штедење. Тој предвидува меѓу другото приватизација и зголемување на даноците во висина од 78 милијарди евра. Средства кои треба да се соберат до 2015 година. „Чуварите на еврото“ деновиве порачаа дека само ако парламентот ги усвои овие мерки ќе биде одобрена следната крединта транша за Грција во висина од 12 милијарди евра.
Автор: Штефен Вурцел/ Александра Трајковска
Редактор: Жана Ацеска