Владата на Самарас пред голем тест
18 мај 2014Гласањето, заедно со изборите за Европскиот парламент следната недела, се сметаат за барометар на популарноста на кревката коалиција на премиерот Самарас, која би можела да биде доведена во опасност доколку левичарската Сириза, или крајно-десната Златна зора остварат добар резултат.
Околу 10 милиони Грци имаат право на глас на изборите на кои се бираат градоначалници и локални совети во 325 општини, како и префекти на 13 региони во земјата.
По шест години рецесија и постојани мерки на штедење кои ги намалија платите и ја зголемија невработеноста до 26 проценти, главни теми на изборите се локалните теми исто колку и националните прашања како непопуларните реформи.
„Ќе гласам за Златна зора или Сириза. Зошто да гласам за овие кои не ограбија? Платата на мојот маж падна на 600 евра, јас останав без работа, а помладиот син најде ноќна работа за 400 евра“, вели 45-годишната Васо Статаку, мајка на две деца.
„Тоа не е прашање на идеологија. Не ме интересира политиката. Мојата порака е јасна и ќе ја повторувам на секој чекор: одете си!“
Анкетите покажуваат дека резултатите од првиот круг би можеле да имаат влијание врз изборите за ЕУ следниот викенд, во нив, Сириза води пред Нова Демократија на Самарас.
Фокусот на денешното гласање е на Атина, каде во трката за градоначалник се актуелниот независен кандидат кој ја има поддршката од левичарите, а зад него кандидатите на Нова Демократија, Сириза и Златна зора. Доколку кандидатот на Златна зора успее да стигне до второто место и вториот круг, тоа ќе биде тежок удар за Самарас. И покрај тоа партискиот лидер и бројни пратеници на Златна зора се во затвор, партијата и натаму бележи голема популарност меѓу граѓаните.
Затоа Самарас во последното предизборно обраќање кон граѓаните апелираше токму на таа тема: „Во Атина имаме специфична дилема. Дали ќе го оставиме градот во заборав и во рацете на оние кои сакаат анархија или ќе се обединиме за да не биде загубен ниту еден глас?“