„Виа Емиграција“ во Берлин
29 февруари 2008Многу македонски уметници од помладата генерација, барајќи нови простори и инспирации стасаа и до Германија. Да се твори далеку од татковината не е лесно. Посебно, во овие времиња кога творците, како дел од интелигенцијата, будно ги следат политичките случувања и напорите на Македонија да го задржи своето име.
Симболична игра на зборови
Изложените дела во „Прима Центар” во Берлин ги отсликуваат токму видувањата на македонските уметници. Јован Балов, кој се претставува со два од големи портрети, за идејата за изложбата кажува дека уметниците не можат да делуваат во некои политички процеси, но доволно е да бидат присутни, да делуваат во средината каде работат. Нивната активност далеку од татковината е дел од една авантура, од римскиот пат „Виа Игнациа” што ги поврзуваше Драч и Константинополис, денешен Истанбул. Тој пат со векови бил начин на комуникација и размена на секакви добра. Така од „Виа Игнација” со симболичка игра на зборовите се родила идејата за „Виа Емиграција” и оваа изложба.
Спој на македонски и германски квалитети
Роберт Чонев е роден во Германија. Неговите родители се Македонци, кои како гастербајтери дошле во Германија. Сликар по вокација и манири пред публиката ги изложува делата во кои мотив е човечкото тело, претставено со силни бои. Вели дека во него има две страни: македонска и германска. Тоа се гледа и во сликите. Македонскиот квалитет за него е спората работа, концентрацијата и доловувањето на моментот. Германските елемнти се планирањето, мислењето, потребата за ред.
Деби за Али Хамиџиќ
Скулптурната инсталација сочинета од дваесеттина бели маски е најновото дело на Есад Али-Хамиџиќ. Тој неодамна дипломирал на академијата во Скопје, отсек вајарство. Во Берлин е само два месеца. Изложбата во „Прима Центар“ е негово деби. Кажува дека белите маски се инспирирани од првиот контакт со Берлин и туѓината. Колку човек и да се подготвува за новата средина, на почетокот е секогаш изгубен. Има потреба да се снајде, да се докажи, а во еден град како Берлин, и воопшто во странство, за секој млад автор се предизвик и тешок пат, особено ако доаѓа од мала земја каква што е Македонија.
Ирена Паскали, која во моментов престојува во Њујорк, на изложбата е застапена со експерименталната фотографија “Урбан пејсаж”.