Вештачките срциња успешно „чукаат“
11 јули 2011Денес, центарот за кардиологија, со своите илјада вработени, прерасна во светски призната специјализирана клиника за срцеви болести. Од нејзиното основање до сега изведени се седумдесет илјади операции на отворено срце, голем број од нив први во светот. Освен тоа, клиниката во Берлин е една од водечките и кога станува збор за оперирање на вродени срцеви мани.
Волфганг Феста живее со вештачко срце, кое му беше имплантирано пред три години во Центарот за кардиологија во Берлин. По операцијата, 65-годишниот пациент мора редовно да носи мала ташна со себе: „Тоа е направата за управување и две батерии. Тоа мора секогаш да го носите со себе, дури и кога спиете. Батериите морам да ги менувам на секој час и половина. Но, во ред е, човек се навикнува.“
Ново срце, нов живот
Феста е еден од околу 1.700 пациенти, кои од 1988 година наваму добиле вештачко срце или пумпа, што ја поддржува неговата работа. Во ниту една друга клиника не се извршени толку многу операции од тој тип, вели Роланд Хецер, директорот на Центарот. Тој нагласува дека на почетокот пумпите биле предвидени само како преодно решение, додека пациентите не добијат термин за операцијата за трансплатација на срце: „Летото 1987 првпат вградив целосно вештачко срце кај пациент, со кое одеше и надворешниот систем за негово управување. И тогаш се уверив дека функционира. Животот на пациентите така може да се продолжи со месеци.“
Во 2005 година, центарот прослави необичен јубилеј – еден од нивните пациенти веќе илјада дена, значи околу три години, живееше со вештачко срце. Во меѓувреме има луѓе кои со пумпите издржуваат и пет до осум години. Доколку старото срце „за’рѓи“, постои можност да се замени со ново. Системите постојано технички се усовршуваат и стануваат се’ помали. На тој начин, тие можат да се употребуваат подолго и стануваат вистинска алтернатива за трансплантација на срце: „Се’ повеќе го напуштаме првобитниот концепт за примена на пумпите само како преодно решение. Како прво, поради тоа што знаеме дека тие добро функционираат, и како второ поради фактот што можноста пациентот да стигне на ред за трансплантација на срце е многу мала. Не можеме целосно да ги покриеме потребите. Ќе наведам бројки: На почетокот на деведесеттите години во нашата клиника се вршеа 130 трансплантации на срце годишно. Минатата година имавме само 40. Во истовреме, имплантиравме 180 вештачки пумпи“, вели директорот Хецер.
Успешна трансплантација на срце кај дете
Во 1990 година на Хецер и неговиот тим првпат им успеа да имплантираат вештачко срце кај дете. Апаратот беше производ на берлинската фирма „Берлин харт“, во чие основање учествуваше и самата клиника: „Јас и’ го дадов името на фирмата“, се шегува Хецер и додава: „Таа се’ уште постои и нашата соработка продолжува. Фирмата живее од вештачките срца за деца. Никаде на друго место во светот не се произведуваат толку мали пумпи за новороденчиња и мали деца, дури ниту во Америка“, нагласува Хецер.
Честопати се случува хирурзи и лекари од Центарот за кардиохирургија во Берлин да мора да отпатуваат во странство, за да помогнат при имплантирањето на малите детски вештачки срца. Феликс Бергер и Херман Купе се дел од тимот, кој работи на комплицираните операции: „Изведувањето на операциите бара големо искуство. Мора да се внимава да не навлезе премногу течност, крвта не сме премногу да се разреди. Потребни се голем број чекори“, вели хирургот Бергер.
Со тренинг до успешна трансплантација
Неговиот колега Купе, пак, додава: „Тоа е искуството на тимот, ние сме добар пример за тимска работа во медицината. За доброто на најмладите пациенти.“ На клиниката во Берлин постојано се одржуваат тренинзи за специјалисти за имплантација на вештачки срца, како кај мали деца, така и кај возрасни. Роланд Хецер истакнува: „Нудиме германски и англиски курс, кои во меѓувреме се одржуваат секој месец. На нив можат да учествуваат најмногу десет хирурзи, кои доаѓаат од цел свет и поминуваат низ интензивен тренинг.“
Освен работата на клиниката, голем број од лекарите работат и на разни истражувања и предаваат на берлинската универзитетска клиника Шарите. Центарот за кардиологија во Берлин располага со буџет од 95 милиони евра годишно и благодарение на тоа што формално се води како фондација, целиот профит може да се вложи во модерна опрема и персонал.
Автор: Лидија Хелер/ Светлана Брик
Редактор: Александра Трајковска