Велика Британија го затвора пазарот на работна сила за Романија и Бугарија
25 октомври 2006“Зидојче цајтунг“ ја пренесува информацијата за најавите од Велика Британија и соседна Ирска за спуштање на рампата за работниците од Романија и Бугарија, па појаснува:
“Затворањето на пазарот на работна сила нема да важи за претприемачите, кои имаат сопствена фирма. Тие можат од 1. jануари 2007-та без ограничувања да се преселат на Oстровот. Освен тоа официјален Лондон е подготвен да издаде околу 20.000 работни визи за прехрамбената индустрија и за земјоделството. За сите други бранши Романците и Бугарите ќе можат да добијат работни визи само ако за некое работно место не може да се најде кадар во земјата.
Сега останува прашањето дали на ваквите заштитни мерки за националниот пазар на работна сила ќе им се приклучи и Шведска. Таа, Велика Британија и Ирска беа единствените три земји од ЕУ кои до сега неограничено ги отворија пазарите на работна сила по големото проширување во 2004-та. При тоа мора да се каже дека индустријата во овие три земји многу профитирше од ваквата мерка.“
“Работните места создаваат нови работни места“ - го цитира “Зидојче цајтунг“ во друга статија евро-комесарот за трудова политика Владимир Спидла, па продолжува:
”Во Велика Британија, Ирска и Шведска стапката на вработеност значително се зголеми од мај 2004-та, од датумот на големото проширување на ЕУ. Стапката на невработеност се намали во целата ЕУ. Во меѓувреме дури и Шпанија, Португалија и Финска делумно ги отворија вратите за работници од новите земји членки. При тоа сликата е неизедначена, дури и во земјите од каде потекнуваат новите работници. Така Чесите речиси да немаат интерес за работење во европското соседство. Затоа пак 170.000 Словаци ја нашуштија татковината, од кои 36.000 заминаа во Велика Британија, 15.000 за Ирска, а најголемиот број, цели 75.000 во – Чешка!
Мора да се нагласи и дека околу два милиона Романци веќе сега, пред пристапувањето кон ЕУ, работат во некоја од сегашните 25 членки. А и Бугарија загуби речиси еден милион од своето население по пресвртот во 1989. Овие бројки докажуваат дека миграцијата во Европа е незапирлив историски процес, чија причина се наоѓа во разликите што беа создадени меѓу Западниот и Источниот блок. Најголемиот број од овие лица, меѓутоа, радо би се вратиле дома, доколку таму можат доволно да заработуваат.“
“Франкфуртер рундшау“ се занимава со последиците што приемот во ЕУ ги носи за новите членки од Источна Европа, потсетувајќи на актуелните политички кризи во Унгарија, Полска и Чешка:
“ЕУ во изминатите години со интеграцијата на источно-европските земји заврши огромна работа, му донесе мир на континентот, а на оние земји кои уште не се членки им отвори перспектива. Но, погледот кон земјите од Источна Европа денес покажува дека напорите за интеграција не се доволни за трајно да се излечи наклоноста на овие земји кон кризи. ЕУ има голема привлечна сила преку благосостојбата, стабилноста и мирот. Но, Европа мора да биде нешто повеќе. Таа мора да биде модел што политички ќе одушевува и привлекува, но и што ќе помага да се надвладеат отпорите во националните држави. За тоа е неопходен европски устав, што ќе ја направи Унијата подемократска, потранспарентна и со тоа уште поатрактивна. Истовремено, таква Европа не смее да го запостави специфичниот придонес на новите членки од Источна и Југоисточна Европа. Тие носат нова сила поради надминувањето на тоталитарните структури, изградбата демократски структури и поради политичкото одушевување“ - нагласува денешен “Франкфуртер рундшау“.